Културно уметничкото друштво „Дримкол” од Вевчани вечерва во Домот на култура во Вевчани, ќе одржи Свечен јубилеен концерт по повод „75 години организиран фолклор во Вевчани”.

На концертот ќе настапат сите ансамбли на друштвото: фолклорните, народниот оркестар, пејачката група Каданка, а гости на концертот ќе бидат членовите на КУД „Илинден“ од Битола.

Започнат од некогашните Вевчански скоевци и скоевки во далечната 1947 година, преку ученичките од нашата школа ,,Страшо Пинџур”, потоа преку младинската организација, прво до КУД ,,Печалбар”, а веднаш потоа до КУД ,,Дримкол” се движел и развивал фолклорот цели 75 години. Секој период низ годините – различен, секоја генерација – уште поразлична, низ времето, подеми, некогаш падови, но, ентузијазмот и љубовта кон фолклорот и кон Вевчани секогаш и кај сите била иста и непрестајна. Денес фолклорот е главно обележје на нашето место. КУД,,Дримкол” успеа да го подигне фолклорот на високо ниво со кое се гордееме сите ние кои истото го работиме, а за среќа гордоста е присутна и кај секој Вевчанец. Ова за нас е чест, но, во исто време обврска да продолжиме да ја негуваме, развиваме и презентираме фолклорната традиција во Вевчани, низ Македонија и насекаде низ светот – изјави Кирил Бебекоски, член на Управниот одбор на КУД „Дримкол“ од Вевчани.

Поради интерес на публиката концертот ќе се прикажува во два термини, во 18,00 и во 20,00 часот. Оваа година концертот е под покровителство на Министерството за култура на Република С.Македонија кој го категоризира како проект од национален интерес за нашата држава.