ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо” – Охрид деновиве прославува 70 годишен јубилеј. Болницата е формирана на 19.07.1950 година како и повеќето болници со таков карактер за да биде „Болница за лекување на коскено – зглобна туберкулоза”.
Во повеќедеценискиот стручен, кадровски и економски развој, во болницата се создаваат услови, покрај лекувањето на коскено – зглобната туберкулоза успешно да се лекуваат и цела низа други ортопедски заболувања како и да се имплементираат нови методи на лекување на акутната траума и последиците на траумата на локомоторниот систем.
Во 1988 година болницата прераснува во “Институт за ортопедија и трауматологија” за да во 1995 година согласно со Законот за здравствена заштита го промени називот во “ЈЗО Специјална болница за ортопедија и трауматологија”.
Во текот на своето постоење уште од самите почетоци болницата “Св. Еразмо” воспоставила трајни релации со бројни реномирани институции и професионалци од светски ранг како со Научно истражувачки центар за реконструктивна ортопедија и трауматологија „Илизаров“ од Курган – Русија и неговиот основоположник Проф. Д-р Илизаров; соработката со Институтот “Кало” од Берг Плаж, Франција и посети на Проф. Д-р Шопен.
Моментално болницата има 253 вработени, од кои 30 доктори специјалисти, 8 доктори на специјализација и 2 доктори на општа пракса, кои секојдневно се соочуваат со здравствените предизвици и успешно лекуваат илјадници пациенти.
OhridNews