Во Брисел денеска ќе заседава Советот на министри на Европската Унија, кој треба да донесе одлука дали Македонија ќе го добие посакуваниот датум за почеток на преговори со ЕУ. Според аналитичарите шансите тоа да се случи се минимални, но според нив што и да биде одлучено денес во Брисел, Македонија треба да продолжи по европскиот пат.

Лидија Димова од Македонскиот центар за образование и експерт од областа на евроинтеграциите вели дека постојат неколку сценарија како ќе се одвива процесот на приближување на Македонија кон Европската унија. Во разговор за Ohridnews, таа ги  објаснува позициите на Македонија пред денешниот состанок на Советот на министри во Брисел, како и можните сценарија кои уште во октомври им биле предочени на Владата и пратениците.

– Во првото, најдобро сценарио е да добиеме веднаш датум за преговори и аргументацијата беше дека Грција ќе биде паметна и нема да сака да го спречи процесот на проширување на ЕУ. Во тој случај Владата треба да се фокусира во промовирање на тимот кој што ќе преговара, бидејќи ние се уште не знаеме кој е тој тим. Помина низ Службен весник дека Владата има некаков преговарачки тим, но никој не знае кои се тие луѓе, а тие мора да бидат луѓе кои што ќе уживаат авторитет кај граѓанството, за што не е доцна, ама треба да има активности околу градењето на нивниот имиџ, вели Димова.

Второто сценарио, продолжува Димова, е отворено вето. Доколку тоа се случи, нашите препораки до власта се дека тоа не значи дека треба да се прекине со преговорите, посочува Димова.

– Дефинитивно не смее да се прекине со преговори и дефинитивно не смее да има предвремени избори. Тогаш треба да се направи широка коалиција со политичките партии и сите заеднички да седнат и да видат како понатаму ќе се развива состојбата. Во таква ситуација буџетски треба да се поддржи лобирањето и секој да го направи своето. Владата да лобира кај државите членки, опозицијата кај политичките партии од нивната опција, а невладините организации кај соодветните организации. Сонцето нема да зајде после 7ми декември, затоа што да потсетам Шпанија беше блокирана од Франција, така што ветото не е нешто ново, истакна Димова.


Лидија Димова

Според Димова поголем проблем претставува како Македонија реагира во ситуација на вето, потсетувајќи на ветото кое земјава го доби на НАТО самитот во Букурешт, по кое тотално се расипаа односите помеѓу Македонија и Грција, што се манифестираше и со своевиден бојкот на туристичката понуда на јужниот сосед кој за многумина беше омилена дестинација Тогаш се разви национализам и тоа  е нешто што не и треба на Македонија и не смее да дозволиме да се повтори такво сценарио, укажува Димова.

Најдобро сценаро е Македонија да добие некаков условен почеток на преговори, што е најверојатната опција, предвидува Димова. Во тој случај Македонија нема веднаш да добие датум, туку ќе добие период во кој ќе треба да го реши проблемот со името, смета Димова.

Таа укажува дека Македонија има сериозен проблем со евроинтеграциите, затоа што перцепцијата на граѓаните за тоа што е ЕУ и кои се придобивките од членството на земјата во Унијата е погрешна.

-Поддршката од 94 отсто од граѓаните  за влез на земјата во  ЕУ е апсолутно ненормална и тоа укажува дека нема критичка маса за размислување. Впечаток е дека граѓаните сакаат довчерашниот центар на моќ – Белград, да го заменат со Брисел и тој да се грижи за нас, но не сфаќаат дека Брисел не се грижи за никого, туку бара да се придонесе. Затоа е потребно да се развие демократски капацитет и да се создаде критичка дебата околу процесот на евроинтеграциите, бидејќи луѓето во Македонија сега се за ЕУ, ама не знаат зошто, завршува Димова.


За евроинтеграциите, демократските капацитети на земјата и улогата на медиумите во процесот, викендов се дебатираше на работилницата што во организација на НВО „Инфоцентар“ се одржа во Маврово, на која беше презентиран водичот за медиуми mk@eu.

Горан Момироски