На денешен ден пред 7 години, во предвечерјето на големиот празник Свети Климент Охридски – патронот и заштитник на Охрид, со работа започна Првиот електронски весник во Македонија „www.ohridnews.com“ и најави нова ера во информирањето кај нас. Денес Интернетот е прв извор на информации како во Македонија, така и во светот, кој по значење и обем ги надминува сите останати медиуми.
OhridNews, кој одамна ги надмина локалните и регионални рамки, дневно има до 20.000 уникатни посети, и околу 60.000 прочитани содржини и е eдинствен информативен портал од градот рангиран помеѓу првите 100 највлијателни сајтови во Македонија. За 7 години постоење OhridNews има објавено речиси 70.000 информации, кои го привлекле вниманието на над 25 милиони посетители од сите страни на светот.
OhridNews во изминатите седум години покрај висок професионализам по кој е препознатлив, покажа исклучителна општествена одговорност поддржувајќи бројни хуманитарни, еколошки, спортски, културни и други проекти. За својот придонес во афирмацијата на Охрид, OhridNews во 2008 година го доби највисокото општинско признание Св. Климент Охридски – патрон на градот, а во 2010 година стана првиот информативен портал во Македонија кој ја доби Националната награда за придонес во развојот на демократските процеси што ја доделуваат МИМ, Институтот за развој на медиуми и УСАИД. Годинава омилениот портал на охриѓани беше номиниран во националниот избор за најдобар портал во Македонија.
Низ годините OhridNews технички се подобруваше и осовременуваше, воведувајќи нови содржини и поставувајќи стандарди кои се репер за квалитетно и професионално информирање. OhridNews меѓу првите започна со емитување на професионално изработени видео емисии. Зад нас се три серијали од стендап шоуто „Идиотека“, документарни емисии и препознатливите „Охридски разговори“, а наскоро следат уште новини.
Посебно горди не прави високата доверба која ја уживаме од Вас почитувани читатели, кои будно не следите од самиот почеток поддржувајќи не во развојот. И натаму ќе продолжиме да Ве информираме објективно и навремено за сите случувања од интерес за јавноста, доследно почитувајќи ги новинарските стандарди и етички норми.
Ви благодариме што 7 години сме Ваш прв избор.
OhridNews