Автобусот кој сообраќааше на овој патен правец, во 14 часот тргна од Автобуската станица во Скопје. Временските прилики во овој дел од земјата, не навестуваа ама никакво попречување на патот. Откако ја поминавме втората наплатна рампа близу Тетово, некои делови од патната инфраструктура беа целосно покриени со бела боја, а сигнализацијата воопшто не се забележуваше. Снегот после Гостивар, се повеќе добиваше на интензитет. Влажните и замрзнати коловозни ленти накај Стража, само говореа за невремето кое ќе претстои. „10-минути пауза“, одекна од шоферот кога автобусот се паркира на ова место. Стража беше букавлно затрупана во снег. Повеќето патници останаа на своите места во возилото, без да знаат што не чека во патот кој ни претстои.
Откако ги испивме кафињата, автобусот повторно тргна. Тука и започна оваа наша голгота. Околу 16 часот и 8 минути се наоѓавме во близина на Тајмиште, пред Кичево. Замрзнатиот и непрооден пат говореше дека на никој од надлежните, не му беше гајле што колони од возила се редеа едно зад друго. Со снег беа прекриени сообраќајните знаци и заштитните огради. Застанувањето беше неодминливо, а глетката ужасна. Тешки товарни возила ги блокираа коловозните ленти. Некои излетале од патот, а најупорните возачи на автомобили се обидуваа со два пара синџири да го продолжат патешествието.
Информации за овој настанат хаос стигнуваа од сите страни. Некои сметаа дека сообраќајна несреќа е причината за застојот, додека други слушнале за некакви одрони. Во пракса, сите ние бевме сведоци дека снегот кој падна уште пред неколку дена, не беше исчистен од патот. Трагедијата да биде поголема, е што во нашиот автобус имаше странски турист, кој со неверување и страв гледаше на ситуацијата. Сигурно ќе пренесе на далечниот исток за голготата која му се случуваше. После неколку часа, километарската колона полека почна да се придвижува. Го поминавме и специјалното возило на „Македонија пат“, кое стоеше затрупано во снег. Со уште неколку застои, околу 19 часот и 15 минути стигнавме во Кичево.
Откако се рашири информацијата за нов застој на „Пресека“ се снабдивме со намирници. За наша среќа, успешно го поминавме и овој патен правец. До Мешеишта се возеше во исклучително тешки услови, а во 21 часот конечно пристигнавме во Охрид.
Како категорија граѓани која редовно патува на оваа релација, ги замолуваме надлежните да ја заборават онаа гореспомената фраза, а на возачите да им обезбедат оптимални услови за возење. На сите оние кои управуваат со возила им препорачуваме крајна внимателност на овие патни правци, каде чистењето на коловозите се одвива бавно. Да де, снегот ги изненади повторно службите.
рубриката Писма-Колумни во оригинал како што се испратени и редакцијата
не сноси одговорност за содржината на истите.