На анкетното прашање Дали православните и католиците треба да го слават Велигден по ист
календар
?“ одговориле вкупно 891 наши читатели со
значителен процент во корист на оние кои одговориле „да“
588/66% односно
православните и католиците да го слават Велигден по ист календар наспроти
248/28% кои се против и 55/6% кои не знаеле
односно немале мислење по оваа тема.

Мораме да признаеме дека
овие показатели беа малку изнендувачки за нас со оглед верската култура и
традиција во Охрид и занимливо е што мислат за тоа претставници од двете
христијански религии.

Отец Диме Кочовски од
црквата Свети Ѓорѓија е на мнение дека календарот е техничко, не догматско
прашање.

„Во дваесетите години од
минатиот век скоро сите автокефални православни цркви одлучуваат да се прилагодат
на условно речено „граѓанскиот“ календар, односно грегоријанскиот бидејќи е најблизок
до астрономскиот по својата точност. Договорот не го потпишува Руската
православна црква, а интересно потписник е Српската црква меѓутоа никогаш не го
примени“
објаснува Отец Диме. „Ако Грците кои се религиозни фанатици го
прифатија, а и Бугарите, Романците итн. не гледам причина и ние да не го
прифатиме. Ако славиме заедно тоа ќе има многу позитивни ефекти. Секоја мала
поделеност делува негативно, секое заедништво – позитивно“
заклучува Отец Диме.

Слично размислува и отец
Стјепан Кушан од Католичката црква во Охрид.

 „Нема католички и
православен календар, има јулијански и грегоријански“
нагласува Кушан „и многу
попрактично е заеднички да ги славиме христијанските празници. Кога се
корегираше календарот во дваесетите години, интересно, Српската црква го
потпиша договорот, но поради некои внатрешни притисоци и можни обвинувања за
унијатство со Ватикан никогаш таа одлука не се примени.“

 

Обајцата се сложуваат
дека соработката меѓу двете цркви, овде во Охрид е повеќе од добра и се
соработува на многу нивоа, како нпр. образовни проекти, помош на загрозени лица
или на луѓе со посебни потреби.

С. Костоски