Американската амбасада во Скопје ќе донира 650.000 долари за реставрација на црквата Св. Богородица во Охрид. Договорот за доделување грант денеска во куќата на Робевци во Охрид го потпишаа министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на САД во Република Македонија Филип Рикер.


 
На церемонијата амбасадорот Рикер истакна дека денеска потпишаниот договор ги потврдува блиските врски и стратешкото партнерство меѓу нашите две држави.

– Тие исто така се показател на на длабоката почит на САД кон Македонија и нејзиното културно наследство, рече амбасадорот Рикер.


Министерот Канческа Милевска истакна дека културното наследство е битен фактор што го определува националното битие на еден народ и содржи многу нешта кои претставуваат извор на оригиналноста на нацијата и елементи на поврзување на културните вредности со други народи.

– Денешниот чин за потпишување на грантот за реставрација и ревитализација на манастирскиот комплекс „Света Богородица – Первилепта“ е од голема значење за нашата држава, а пред се за културното наследство со кое располага Република Макдонија . Реализацијата на овој потфат ќе биде еден дополнителен материјален доказ за нашите заеднички напори во грижата за културното наследство оставено како траен аманет од нашите предци за идните поколенија, истакна Милевска.


На потпишувањето на договорот присуствуваше и претседателот на државата Ѓорѓе иванов, кој во негово лично но и во име на граѓаните на Република Македонија се заблагодари на САД и американскиот народ за големата и великодушна финансиска поддршка .

– Значењето на грантот е многу поголемо од конкретните финансиски средства. Посветеноста и интересот што американската мабсадата на чело со амбасадорот Рикер го покажуваат преку овој и уште неколку други грантови е повеќе од професионализм и пиетет кон македонското културно наследство, односно искрено пријателство кон оваа земја и голема преданост и блискост со македонските граѓани, рече Иванов.


Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство во РМ, истакна дека примарна цел на проектот чија реализација е предвидено да трае околу три години се конзерваторско-реставраторски зафати врз архитектурата и фрескоживописот на црквата „Св. Богородица Перивлепта“, како и конзерваторски интервенции на северниот конак и на камбанаријата.

– Ова е празничен ден – Велигден за конзерваторската и реставраторската сфера во Македонија, бидејќи со оваа помош конечно може да започне заштитата на фрескоживописот и архитектонските вредности на црквата Св. Богородица Перивлепта, рече Кузман.


Потпишувањето на договорот го поздрави и владиката Дебарско – кичевски г. Тимотеј, кој искажа очекување дека надлежните институции донираните средства ќе ги искористат на вистински начин, најавувајќи дека слични зафати ќе бидат финснсирани и од црквата.

– МПЦ презема мерки за заштита на културното наследство во црквите, за што во тек е прибирање на понуди за физичка заштита и видео надзор над сакралните објекти, рече владиката Тимотеј. 

Ohridnews