Денеска во Охрид се одржа првото државно првенство Такевондо ИТФ во организација на охридскиот таеквондо клуб „Мастер“, а под покровителство на Општина Охрид.

Во натпреварувачкиот дел од настанот учествуваа 63 натпреварувачи од 5 клубови од Македонија: „Мастер“ од Охрид, „Хва Ранг ИТФ“ од с. Лескоец, ИТФ клубот “Чонџи“ од Косел, ИТФ клубот „Сонкал“ од Мислешево – Струга и „Ахилиус“ од Скопје.

Учесниците се натпреваруваа во форми и спаринг во категориите – деца, млади, постари млади, јуниори и сениори, во машка и женска конкуренција, а истото се одржа во спортскиот центар „Билјанини извори“.

При официјалното отворање на првенството пред присутните се обрати заменик градонaчалникот, Перчо Божиновски кој изрази задоволство што денес за прв пат со финансиска поддршка на Локалната самоуправа се организира еден ваков голем спортски настан.

Денес со овој настан испраќаме порака за афирмација на спортот и создавање на уште подобри услови за негов развој. Со својот незапирлив спортски дух, нашите спортисти победуваат, освојуваат награди, а ние сме тука да ги бодриме и да ги мотивираме за уште поголеми успеси. Живееме во време со многу предизвици. Живееме во хиперповрзан Свет на глобална и динамична економија, изложена на постојани промени и неизвесности. Сето ова стресно влијае на сите нас, и токму затоа сметам дека вакви спортски случувања ни се повеќе од неопходни, рече Божиновски.

Додаде дека Општина Охрид дава поддршка и има значаен удел во голем број спортски приказни, изразувајќи надеж дека така ќе биде и во иднина.

На настанот присуствуваа и претставници од Агенцијата за млади и спорт.

OhridNews