60 годишен јубилеј одбележа РЦСОО „Ванчо Питошески“. Со посебна почит и пиетет му оддаваме признание на нашиот патрон народниот херој Ванчо Питошески. Неговото дело достојно го почитуваме, а неговиот сон гордо го живееме, рече директорот на училиштето во своето обраќање, Марјан Радески.
Овој патронен празник е јубилеен. Нашето училиште одбележува 60 години постоење, 60 години богата и долга традиција на образовен подем, со една заедничка мисија на стекнување знаење, стручност и креативност. Во ова шест децениско работење заедно постигнавме многу значајни резулати. Ова е единственото училиште од ваков вид во поширокиот регион кој образува стручни кадри подготвени да го продолжат образованието, но и дирекно да се вклучат во угостителско-туристичката дејност, рече Радески.
Додаде дека образовни профили во училиштето се така проектирани и дефинирани да можат да одговорат на барањата на современото угостителство и туризам.
Туризмот е од голема важност во економскиот развој преку кој може да се привлечат нови инвестиции, да се креираат нови работни места и да се промовираат културните и природните богатства на нашиот град и на нашата земја. А туризмот е нашата главна определба. Верувам дека уште многу генерации ќе придонесат во неговото издигнување, рече Радески.
Н.С.Ј.