В сабота на 7. Јуни, Охрид ќе биде домаќин на 51-то Државно Првенство во стрелање со сериска воздушна пушка за сите категории на кое ќе учествуваат над 100 натпреварувачи од стрелачките клубови во Македонија. Првенството кое се одржува во годината кога се навршуваат 60 години од почетокот на овој спорт во нашата земја го организираат Општинскиот стрелачки Сојуз и Стрелачкиот клуб „Охрид“.

Покровител на Првенството е градоначалникот Александар Петрески, а како посебен куриозитет поврзан со ова државно првенство ќе биде присуството – во улога на почесен гостин – на Бранко ШАШОСКИ, првиот шампион и рекордер на Југославија на Првото првенство на тогашна Југославија што се одржа во Белград пред повеќе од половина век.

 51-то Државно Првенство во сериска воздушна пушка за сите категории ќе се одржи на стрелиштето „Бејбунар“. Почетокот е предвиден во 9 часот кога настапуваат стрелците со сериска воздушна пушка во категориите за пионери и пионерки.


Во 10 часот е свеченото отворање на Првенството кога на учесниците ќе им се обрати и градоначалникот Петрески како покровител на Првенството. Натпреварите ќе продолжат со настапите на стрелците во категориите за јуниори и јуниорки, односно сениори и сениорки.

За успешно одржување на првенството формиран е посебен организационен Одбор во кој членува и претседателот на стрелачкиот Клуб „Охрид“, Зоран ШИШКОСКИ.. Раководител на Првенството е Фене КOСТАДИНОВ, а главен судија, Љупчо РАЗМОСКИ.

ohridnews