Во организација на Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ Колеџ Скопје и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид,  во тек е 6-та Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн – Охрид 2018.

Специјален гостин и предавач на школата е Џејмс Весткот (James Westcott), писател и уредник од Велика Британија, за архитектонскиот свет попознат како соработник на Рем Кулхас (Rem Koolhas). Неговото предавање на тема “Anthropocene and Domus” ќе се одржи денеска, 5 јули со почеток во 9:30 часот во конгресната сала на хотел „Пела“ во Охрид.

Школата завршува на 7 јули со изложба и предавање на проф. Диксит Митеш.

Тема на школата оваа година е современото третирање на просторот преку интегрирани анализи на неговите карактеристики креирајќи „компаративен урбан атлас“ како еден вид критичка картографска алатка на архитектурата и урбанизмот.

Студентите низ различни методи и аспекти ќе го анализираат просторот од охридското пристаниште на југ до селото Лескоец на север. Резултатите кои се очекуваат се одредени насоки за инфарструктурен, урбан и архитектонски развој на предметниот терен произлезени од повеќеслојните мапи со соодветни интердисциплинарни информации.

Истражувањето студентите го спроведуваат со работа во тимови на терен, преку изработка на графички анализи, заеднички презентации следејќи ги инструкциите на менторите пренесени преку предавања и консултации.

OhridNews