Здружението на граѓани за утврдување на вистината за бродската несреќа „Охрид 5ти Септември“ изрази задоволство од досегашниот тек на истрагата, но воедно и загриженост за состојбата во која се наоѓа притворениот капетан Сотир Филески.

Сметаме дека досега истрагата досега се водеше исклучително прецизно и брзо и сакаме да истакнеме дека судот навистина ги презеде сите мерки и навреме ја заврши истрагата со оглед на тоа дека голем број сведоци и оштетени се од странство, изјави за Ohridnews, адвокатот Драги Коровешоски од здружението „Охрид 5ти Септември“.

Тој од име на здружението упати апел да му се овозможи на обвинетиот да се брани од слобода или мерката притвор да биде заменета со куќен притвор, како би можел тој да се посвети на одбраната.

– Не треба да се дозволи Филески да биде шеснаесета жртва од овој трагичен настан затоа што притворот многу негативно делува психофизички, рече Коровешоски.

Кривичниот совет при основниот суд во Охрид денеска, а најдоцна до утре треба да се изјасни по жалбата на бранителот на капетанот на бродот Илинден, Димитрија Цобоски, кој побара укинување на мерката притвор за обвинетиот Сотир Филески.

Ohridnews