Доналд Трамп положи заклетва како 47-ми претседател на САД, отворајќи уште еден турбулентен четиригодишен мандат со ветувања дека ќе ги помести границите на извршната власт, ќе депортира милиони имигранти, ќе обезбеди одмазда против неговите политички непријатели и ќе ја промени улогата на САД во светската сцена.

 

Златната ера на Америка почнува сега, рече на почетокот на својот говор Трамп. Тој ја критикуваше администрацијата на Бајден додека тој седеше во првите редови на инагуруацијата која се одржа во Капитол.

Трамп најави дел од неговите активности што прво ќе ги преземе како претседател. Денеска, рече тој, ќе потпише извршна наредба за прогласување национална вонредна состојба на границата меѓу САД и Мексико.

Сите нелегални влезови ќе бидат „запрени веднаш“, додаде тој, истакнувајќи дека владата ќе започне процес на враќање на милиони „криминални странци“ во земјите од кои дојдоа.

Тој зборуваше и за други планирани мерки, вклучително и враќање на политиката „Остани во Мексико“ и испраќање дополнителни војници и ресурси на границата.

Заклетвата беше преместена во затворен простор за прв пат по 40 години поради екстремниот студ. Свечената инаугурација, која вообичаено се одржува надвор од Капитол, беше преместена внатре поради големиот студ. На неа присуствуваа 600 гости, меѓу кои пет поранешни американски претседатели. Во првите редови на инаугурацијата седеа Џ.Д. Венс, кој ќе биде потпретседател на САД, но и Марк Цукерберг, Џеф Безос и поранешниот британски премиер Борис Џонсон.

OhridNews