На свеченост што се одржа синоќа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, беше одбележан 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

И денес, после 131 година, 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, одѕвонува во колективната меморија на македонскиот народ, како ден темелник за сите идни борби за независна и слободна Македонија. Со младешка жар и одважност, нескриена храброст и визија, Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев, ги поставија основите на сите слободарски борби на македонскиот народ. Со јасна мисла, без доволно стратегија, но со нескриен жар и огромна верба, се заложиле за слободна Македонија. Овие заложби и идеи преку двата илиндена од 1903 и 1944 и 8 септември 1991 година, конечно ќе се материјализираат во независна Македонска држава, истакна на свеченоста заменик градоначалничката Ана Крстеска.

Со прогласувањето на независноста, не престанаа посегањата на нашите соседи и други моќни актери кон нашата Македонија, додаде Крстеска.

Во сите овие 33 години независнот, Македонија и Македонците продолжија да соочуваат со бројни тешкотии во остварувањето на своите национални и човечки идеали. Веруваме дека е дојдено времето Македонецот цврсто, простум да каже одлучно НЕ, на сите атавизми од минатото за да си го сочуваме националното достоинство и да изградиме извесна и просперитетна иднина, истакна таа.

Свеченоста беше збогатена со културно-уметничка програма, со учество на учениците од гимназијата „Св.Климент Охридски“, ОУ „Григор Прличев“ и музичките уметници Огнен и Олгица Здравковски, Ива Китеска, Ѓоко Чеменкоски, членовите на детското балетско студио “Наталис студио”, градскиот хор “Vox Lychnidos” и Татјана Стефаноска.

OhridNews