Во 78-та година почина познатиот македонски композитор роден во Охрид Љупчо Константинов, објави Сојузот на композиторите на Македонија чиј долгогодишен член беше тој.
Константинов е еден од најголемите и највлијатени композитори кај нас, но и пошироко. Автор е на музика за многу познати филмови и театарски претстави. Соработувал со врвни музички и актерски имиња. Освојувач е на бројни престижни награди и признанија.
Композитор на филмска и театарска музика на сите нам позната според својата уникатност и безвременост, наградена од најголемите (во тогашна Југославија) фестивали, изведувана, споменувана, творештво што е вброено како наше национално музичко богатство, од неговата авторска песна „Хеј ти младо момче“ во изведба на групата Индекси, преку бројните претстави, сѐ до неговата непроценлива музика по која ги паметиме долгометражните филмови „Среќна нова ‘49“, „Македонска сага“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“…
Роден е на 11 декември 1946 година во Охрид, средното музичко училиште го завршил во Битола, а музичката академија во Белград. По студиите работи најпрво како наставник, а подоцна се вработува како музички новинар во Радио Охрид. Започнува да компонира уште во средношколските денови, најпрво забавна музика и аранжмани во културно уметничкото друштво „Стив Наумов“ во Битола, а набрзо потоа и за програмските потреби на Радио Скопје.
Љупчо Константинов својот работен век го поминува во Македонската Радио Телевизија. Во 1975 година се вработува во Радио Скопје како музички соработник во „Редакцијата за размена на програми со локалните радио станици и странство“, подоцна работи како музички новинар во првата програма на радиото, музички продуцент во музичката продукција на радиото, уредник на забавна програма на Македонската Радио и Телевизија, а својот работен век го завршува како композитор за програмските потреби на Македонската Радио Телевизија.
Во своето творештво вбројува повеќе забавни композиции и над двестотини аранжмани. Како автор на музика, се јавува во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број тв филмови, серии и драми, како и во над 90-тина театарски претстави.
Во текот на повеќе од 40-тина години перманентно и континуирано успешно соработува со голем број познати имиња од театарската уметност, филмска и телевизиска во земјава како и надвор од неа, меѓу кои Слободан Унковски, Вукан Диневски, Димитар Станковски, Столе Попов, Ацо Алексов, Владо Цветановски, Бранко Гапо, Иван Митевски, Паоло Маџели, Томаж Пандур, Мустафа Надаревич, Жорж Замфир, Јернеј Лоренци, Бранислав Мичуновиќ, Матко Сржен, Нина Клефлин, Нени Делместре, Џанлука Барбадори, Серџо Кастелито – Пенелопе Круз, Роберто Чули, Радмила Војводиќ, Озрен Прохиќ и уште многу други.
Како автор на музика, за бројните театарски претстави, филм и телевизиски проекти, музички композиции и аранжмани доделени му се голем број награди и високи признанија во земјава и светот, меѓу кои и наградата за животно дело на Сојузот на композиторите на Македонија и државната награда за животно дело „11 Октомври“, објави ојузот на композиторите на Македонија.
OhridNews
Фото: Сојуз на композиторите на Македонија