Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Се мобилизира Меѓународниот Црвен крст, а Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 до 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.
И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 58 години, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од девет степени по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.
OhridNews
Фото: МИА