Околу 25000 посетители, меѓу кои и гости од Хрватска, Србија, Чешка, Албанија, Франција ги проследија фестивалските вечери од годинешното јубилејно 55- то издание на фестивалот „ Охридско лето“, во чии рамки беа изведени 29 музички концерти, 13 драмски претстави и 10 настани од дополнителната програма. На два дена пред завршувањето на фестивалот, првите луѓе на „ Охридско лето“ изразија задоволство од реализираната програма, реакциите на публиката и учесниците.
– Не радува што имавме публика од сите возрасти, имавме поврзување на туризмот, бидејќи голем број туристички групи ги посетуваа нашите настани. Горди сме што на секоја од вечерите успеавме да и дадеме посебно значење, бидејќи сите настани тоа и го заслужуваа, рече директорката на „ Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска.
Фестивалот докажа дека бил и секогаш ќе остане непроменлив во однос на задржувањето на квалитетот, истакна музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифова- Неделковска, која додаде дека ова издание ќе се памети и по тоа што во изминатите четриесеттина денови сите патишта од Македонија и многу пошироко од регионот водеа кон Охрид и фестивалските сцени.
– Според стручната домашна, но и меѓународна критика и според општото мислење и оваа година реализиравме врвно фестивалско издание, според многумина круна на досегашните случувања што всушност беше наша главна задача- да го дадеме најдоброто за ова јубилејно 55- то издание. Имавме гостувања на голем број светски музички имиња, па затоа со право ова издание го насловивме „ Со ѕвездите до ѕвездите“. Ова издание ќе го паметиме и по тоа што имаше рекорден број публика во сите фестивалски вечери , а горди сме и затоа што уметниците се единствени дека имаме високоедуцирана, топла и приемчива фестивалска публика, истакна Јосифова- Неделковска.
Во рамки на годинешното „ Охридско лето“ беа изведени 13 драмски претстави, дел од нив премиерно пред публиката .
– Она што го ветивме на почетокот и го реализиравме во драмската програма, вадејќи ги претставите надвор од центарот за култура , правејќи три силни програми и зголемувајќи го бројот на претставите за ова јубилејно издание . Евидентна беше новата сила на театарските продукции во актерските имиња, бидејќи плеада на млади уметници, театарски дејци беа презентирани. Тие почнуваат полека но сигурно да го завземаат своето место и се надевам дека за десеттина, петнаесет години ќе можат на големите сцени да дојдат со својата естетика. Трите големи сегменти, беспрекорно реализираните македонски премиери, инпактот и новоформираното Младо тетатарско лето направија една целина која се вклопи во целокупниот репертоар, рече драмскиот селектор на фестивалот Ѓорѓи Јолевски.
Предлог програмата за наредното фестивалско издание веќе е изработена и иако сеуште е рано да се откриваат имиња на уметници кои ќе настапат , организаторите и за наредната година ветуваат бројни фестивалски вечери кои долго ќе се паметат.
Т.К.