Скопје денеска ја одбележува 52-годишнината од катастрофалниот земјотрес во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Трагедијата во Скопје предизвика силна реакција на меѓународната заедница.
Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание на ОН да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.
На 14 октомври, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на тогашната југословенска влада при реконструкцијата на Скопје.