На безбедносниот форум на НАТО, што на 28 и 29 јуни оваа година, ќе се одржи во Охрид ќе учествуваат претствници од 49 земји.

Покрај генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер (Jaap de Hoop Scheffer) кој ќе претседава со форумот, учество ќе земат и околу 800 државници, воени експерти, цивилни претставници и новинари.

За таа цел денеска во Охрид се сретнаа претствници на македонската влада и НАТО, кои остварија средба и со градоначалникот на општината, Александар Петрески.

Бернд Геце (Berndt Getze), секретар на Северноатлантскиот Совет, рече дека НАТО форумот ќе биде добра можност за промоција на Македонија во светот, особено како што рече  поради прекрасната убавина на Охрид.

Министерот без ресор во владата на Република Македонија Аднан Ќахил, истакна дека претстојниот НАТО форум, всушност претствува тест на зрелост за тоа колку Македонија е подготвена да биде дел од НАТО. Ќахил најави дека ќе бидат преземени досега најсилни мерки на безбедност со цел најголемиот и најзначаен политички настан што некогаш се случил кај нас да мине во најдобар ред, за што, како што рече тој, „ако треба ќе бидат ангажирани и до 5000 полицајци.“


Градоначалникот на Охрид, Петрески, најави подобрување на инфраструктурата и разубавување на градот. Тој рече дека подготовките за форумот течат според договорот и дека доколку и владата и општината си ги завршат добро преземените обврски, НАТО форумот ќе биде добро организиран, што на некој начин ќе биде и силна промоција на охридскиот туризам.

Петрески рече дека за претстојниот голем политички настан, потребно е да се уредат влезовите на Охрид, да се санира патниот правец од Билјанини извори до Свети Стефан, како и улицата Железничка и други делови од градот.

Инаку претставници на македонската влада и на НАТО, вечерва во х. Инекс Горица каде и ќе се одржи форумот, потпишаа Меморандум за разбирање, кој всушност претствува документ со кој Скопје и Брисел ги дефинираат обврските околу организацијата на овој политички настан.

„НАТО форумот во Охрид е најголем собир на претствници на алијансата помеѓу два самити“– истакна македонскиот министер за одбрана, Лазар Еленоски. Според него Охрид и неговото природно и културно наследство се дополнителен адут кој силно ќе влијае на впечатокот на високите гости и доколку Македонија добро го организира настанот, тоа ќе биде голем плус кон доближувањето кон НАТО.

Еленоски смета дека земјава сега се наоѓа во чувствителен период во кој многу внимателно треба да се однесува, со што тој ја бранеше одлуката за повлекување на историските карти на голема Македонија од министерството за одбрана, за што тврди дека немал никаков притисок.

Инаку НАТО форумот ќе се одржи на 28 и 29 јуни. Гостите ќе пристигнуваат на охридскиот аеродром, ќе бидат сместени во повеќе хотели на ривиерата, а за потребите на форумот владата и сопственикот на х. Инекс ќе изградат голема сала во постоечкиот капацитет која ќе може да одговори на потребите на настанот.
 

Г. Момироски
Фото: С. Костоски