На аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид денеска ќе слетаат во 50-ина авиони со кои треба да пристигнат делегаци од 49 земји кои ќе учествуваат на вториот Форум на Евроатлантски партнерски совет (ЕАПС).
На охридскиот аеродром треба да пристигне и генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер, како и бројната американска делегација која ќе ја предводи Викторија Нуланд, амбасадор на САД во Северноатлантската алијанса.
Воздухопловните власти соопштија дека аеродромот во Охрид технички е подготвен безбедно да ги прифати авионите со кои ќе пристигнуваат делегациите. Неодамна во аеродромот беше отворен и ВИП салон, а беше извршено и доекипирање на персоналот.
Дел од учесниците на форумот веќе пристигнаа во Охрид, каде денес на сила е посебен режим на сообраќај.
Безбедносниот форум на Евро-атлантскиот партнерски совет (ЕАПС) што денеска и утре ќе се одржи во Охрид ќе го следат 272 акредитирани новинари од земјава и странство.
Свеченото отворање на форумот е вечерва во хотелот Инекс Горица каде на присутните ќе им се обрати генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер. Потоа претседателот Црвенковски ќе одржи коктел за гостите, а на сред езеро ќе има огномет. Работниот дел на форумот започнува утре.
Г. Момироски