Јубилејот 50 години од постоењето на Музичката Младина на Македонија синоќа беше прославен со концерт на камерниот оркестар на оваа невладина организација во црквата ,,Св. Софија” под диригентската палка на Саша Николовски Ѓумар. Посетителите уживаа во широкиот дијапазон на делата од композитори кои потекнуваат од различни временски епохи : Моцарт, Јохан Себастијан Бах, Бенџамен Бритн, Пабло Сарасате, Астор Пјацола, Родион Шчедрин и Петер Хајдрих. Заедно со оркестарот како гостин настапи и солистката Катерина Бачевска на флејта со композицијата ,,Цигански напев” од Пабло Сарасате.
За крајот на концертот оркестарот ја изведе композицијата ,,Хаппѕ Биртхдаѕ” од Петер Хајдрих со која диригентот Николовски Ѓумар порача: „Нема подобра честитка за јубилејот од музиката која е божествена, бестелесна, вечна. “
За она што го прави овој изведувачки состав посебен и единствен од ваков тип во Југоисточна Европа, Николовски Ѓумар подвлече: ,,Пред се тоа се младоста и живиот дух, ентузијамот, талентираноста и музикалноста, како и желбата на овие млади музичари за нови дострели со кои ми претставува огромно задоволство да работам”.
Солистката Катерина Бачевска од Охрид задоволна од поканата да настапи и оваа година на Охридско лето: „Иако повеќе пати сум настапувала на Охридско лето секој концерт ми е посебно драг и различен. Особено ми е драго што свирам во родниот Охрид. Годинава ми остави силен впечаток инзвонредната програма и завидниот вкус на диригентот, а според реакциите на публиката верувам дека ја почувстува нашата енергија и задоволство од изведбата на програмата и дека ќе се согласи со моето мислење.”
Диригентот Николовски Ѓумар ги истакна своите импресии од овогодишниот концерт во ,,Св. Софија” , а особено задоволството од флуидот кој ги поврза оркестарот и публиката.
„Мило ми е што публиката толку топло не прими и посакувам уште многу вакви јубилеи. Токму тој флуид помеѓу публиката и оркестарот придонесе за поквалитетен концерт, поголема инспирација во музицирањето и подобар музички израз”- дополни Николовски Ѓумар кој со овој концерт прослави 20 години од својата уметничка дејност која ја ја започнал токму со концерт на овој камерен оркестар.
Синоќешниот концерт се емитуваше во живо преку видео пренос на веб страната на Охридско лето, како и на стриминг преку најавените линкови на Фејсбук и на веб порталите на медиумските спонзори, тренд кој е веќе практика за светските фестивали кој се труди да го следи и Охридско лето.
Камерниот оркестар на Музичката младина постои цели 28 години и исто толку пати настапувал на Охридско лето. Музичката младина на Македонија е национална невладина организација формирана во 1963 во Битола која работи со, преку и за млади луѓе развивајќи ја нивната креативност и поддржувајќи го нивното почетно јавно претставување на полето на музичката уметност. МММ се стреми да ја охрабри потребата за директна комуникација меѓу младите и аудиториумот како со музиката, така и со други културни вредности. Оформена пред точно 50 години, македонската музичка младина има одржано преку 9000 манифестации, концерти, мајсторски курсеви, привлекувајќи над 1000 уметници како солисти и над 7000 учесници, програмски аниматори и организатори во различни ансамбли.