Здружението на граѓани за утврдување на вистината за бродската несреќа „Охрид 5-ти септември“ бара да се забрза истрагата за бродската несреќа што неодамна се случи во водите во Охридското Езеро. Бродот Илинден веќе е изваден, а според првичните информации од истрагата не се забележани физички оштетувања и најверојатно се работи за несреќен случај, истакна претседателот на здружението Сашо Алче.

Во интерес на Охрид и туризмот е што побрзо да се заврши истрагата околу овој немил настан, рече Алче.


Тој информираше дека до денеска собрани се 8000 потписи, што, како што рече, „ни дава за право да заклучиме дека граѓаните ја поддржуваат реализацијата на нашите цели и активности“. Собраните потписи ќе бидат предадени на обвинителството, најави Алче.

Претседателот на „Охрид 5-ти Септември“ истакна дека благодарение на активностите на здружението полека се менува сликата за трагедијата и во бугарската јавност и медиумите и како што рече, со поинаков тон се информира за несреќата.

Алче информираше дека претставници на здружението имале работен состанок со бугарскиот конзул во Македонија, Наум Кајчев, кој иницијативата ја оценил како благородна и европска и најавил дека ќе направи напор на денот на панихидата, 17 октомври, во црквата Св. Софија во Охрид да присуствуваат членови на семејствата на трагично загинатите туристи од Бугарија.


Здружението на граѓани за утврдување на вистината за бродската несреќа „Охрид 5-ти септември“ бара  и усогласување на законите за внатрешна пловидба и за безбедност.

Ние како здружение ќе се обратиме до Дирекцијата за заштита и спасување за да побара прилагодување на законот за заштита и спасување со законот за внатрешна пловидба, бидејќи во законот во членот 2 во третата алинеа се предвидени други несреќи како пожари, големи несреќи во патниот, жележничкиот и воздушниот сообраќај и никаде не се спомнати несреќите во водениот сообраќај, подвлече Алче.

Тој истакна дека на Охридското Езеро се регистрирани над 2500 пловни објекти, од кои најголем дел за превоз на патници, поради што, како што рече, „бараме веднаш да се преземат мерки да се инсталира навигационен систем кој ќе ги прати пловните објекти не само во Охридското, туку и во сите езера“. Здружението побара и да се инсталира комуникациски систем и систем за евиденција на патници, како и да се овозможат услови за одржување на пловните објекти, како што е сув док каде ќе може да се врши контрола на пловните објекти и да се формира тим за спасување и интевенции.

Овој тим би се состоел не само од професионалци од областа на безбедноста на водниот сообраќај, туку во него да има и лекарски тим и екипи кои што ќе можат да помогнат во спасување од крајбрежјето. Од оваа несреќа треба да се извлечат поуки и ние како охриѓани во иднина да бидеме подготвени не дај Боже и во потешки услови спасувањето да не затаи, бидејќи цената на човечкиот живот е огромна и не смее државата и Охрид да штедат на вакви активност , додаде Алче.

Ohridnews