Најдобрата машка кошаркарска селекција немаше успешен старт на квалификациите за Евробаскетот 2021 година. „Црвено жолтите“, пред своите гледачи во „А1“ арената одиграа далеку под своите можности и претрпеа пораз од Естонија 72-81.

Избраниците на селекторот Александар Тодоров мечот го загубија поради катастрофалната игра во втората четвртина. Во вторите десет минути, нашите кошаркари постигнаа само пет поени, а противникот реализираше 25 за негатива од 22 поени на полувремето. Воведниот квартал им припадна на естонците за 20-18.

Во третиот период Македонија успеа да спушти на десет негатива 68-58, но немаше сили за раситнување на двоцифрена предност на гостите. Македонските кошаркари ја добија четвртина со 23-15, но разликата на семафорот остана. Во решавачкиот квартал, репрезентативците играа делку подобро и посамоуверено, но тоа не беше доволно да се надомести негативата. Естонија забележа победа од девет поени разлика и направи голем чекор напред кон Евробаскетот 2021 година.

Капитенот Војдан Стојановски со 26 поени беше двигател на нашата селекција. Двоцифрен учинок имаа уште Шејн Витингтон и Ненад Димитријевиќ кои реализираа по 15 кошеви. Во составот на Естонија се истакна Кристијан Куламае кој уфрли 31 поен.

Следниот квалификациски меч Македонија го игра на 23 февруари во Перм каде се среќава со Русија.

OhridNews