Скопје денеска ја одбележува 48-та годишнината од катастрофалниот земјотрес во кој животот го загубија 1.070 луѓе, а 3.000 беа повредени.

Во рамки на одбележувањето на годишнината, предвидено е домашни и странски делегации да положат  цвеќе пред споменикот на жртвите во скопскиот земјотрес од 1963 година, на градските гробишта во Бутел.

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

Од трагедијата на Скопје целиот свет беше возбуден и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

OhridNews