48.1 отсто од населението во Охрид е вакцинирано со прва доза на вакцина или 21.592 граѓани, соопшти Министерството за здравство. Втора доза вакцина примиле 18.194 граѓани.
Според податоците од ресорното министерство помал е опфатот на имунизирано население во Струга, односно прва доза на вакцина примиле 14.775 граѓани или 27.2 проценти од жителите на Струга, додека втора доза вакцина примиле 11.433 стружани.


Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата се одвива непречено во сите градови низ државата. Се вакцинира населението над 16 годишна возраст и без закажан термин. Според информациите од Министерството, 32 отсто од полнолетното население на територијата на целата држава е веќе имунизирано со барем една доза на вакцина.

Заинтересираноста за вакцинација помеѓу граѓаните и натаму расте. Вакцини има доволно, повикуваме на што поголемо вклучување во процесот на имунизација на населението со што заеднички се стремиме кон спречување на проширување на новиот сој на вирусот, потенцираат од Министерството за здравство.

Најголем опфат со прва вакцина има во Гевгелија или 51 процент и Кавадарци 50.3 отсто, каде половина од населението е веќе вакцинирано.Охрид е трет град на листата по вакцинирано население, потоа следува Неготино и околните места со 47.9 проценти од жителите вакцинирани со прва доза вакцина. Граѓаните на Битола и Ресен се вакцинирани со барем една доза во процент од 46.3 отсто и 46.7 проценти. Понатаму, процентите на опфатеност со барем една доза на вакцина опаѓаат во Берово 44.1 отсто, Пехчево 43 проценти, Штип 43.1 отсто и Валандово 40.5 отсто, наведуваат од Министерството.
Помеѓу 30-40 отсто има опфат со вакцинација со барем една доза во градовите Демир Хисар, Велес, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Прилеп, Крушево, Скопје и Пробиштип. Помеѓу 20-30 проценти има опфат со вакцинација со барем една доза во градовите Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струга, Македонски Брод, Струмица, Тетово и Радовиш, а 19.9 отсто опфат во Гостивар.

 

OhridNews