Докторирaњето на која и да било тема е залудно доколку човекот не продолжи да работи на материјата, да пишува трудови и да се надоградува. Човекот кој е растргнат со сите предизвици на денешното живеење може да биде успешен само ако не го троши драгоценото време на жалење, вели 38 годишниот охриѓанец Дејан Блажески, доктор на науки од областа на економијата и медицината, финансиски експерт, познат општественик, колумнист, а од пред извесно време менаџер на филијала во АД „Стопанска Банка-Скопје“ во Охрид. Во разговор за OhridNews тој искрено зборува за кариерата, животот и подзаборавените вредности, науката, како и за новиот професионален предизвик.

ON: Во 2012 бевте избран од страна на неделникот „Фокус’ за еден од четворицата различни заедно со Ристановски, Џајковски, Лешоски. Поминаа веќе осум години од тогаш. Во тој период работевте како финансиски менаџер во консалтинг компанија, бевте општествено активен во Советот на Општина Охрид, колумнист во повеќе портали, шеф на кабинет на Министерот за здравство, а сега сте директор на филијалата на АД „Стопанска Банка-Скопје“ во Охрид. Впечаток е дека за ваши години професионалната кариера ви е доста плодна. Што друго се случуваше во изминатив период?

Дејан Блажески: Секогаш го имам чувството дека само што сум започнал, сето ова од наброеното како да било само пред некој ден. Од друга страна, има моменти кога си мислам дека сето ова се случувало во некој претходен живот. Човекот кој е растргнат со сите предизвици на денешното живеење може да биде успешен само ако не го троши драгоценото време на жалење, очај и препуштање. Во меѓувреме магистрирав, докторирав и формирав смејство. Гледав да ги искористам сите можности за професионална надоградба. Се стекнав со сертификат на еден од најстарите и наjпрестижните универзитети во светот, а тоа е Пекингшкиот Универзитет, обука за интракултурен дијалог во Словенија. Изгубив многу драги луѓе. Не бев ничиво милениче, па дури ни на судбината. Но, одговорно тврдам дека со верба, труд и работа успеав да ја чувам постојано главата над вода, некогаш токму сaмo за да земам воздух. Имав и многу среќни моменти. Човекот после многу животни и професионални искуства успева да си го најде мирот. Веројатно навлегувањето во четвртата деценија носи еден друг мир, некоја друга внатрешна рамнотежа.

ONДокториравте пред една година на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, вашиот труд беше пионерски, што правите друго на научно поле?

Дејан Блажески: Кога едаш ќе влезете во научните кругови тогаш нема застанување. Мојот став е дека докторирaњето на која и да било тема е залудно доколку човекот не продолжи да работи на материјата, да пишува трудови и да се надоградува. За жал, денес многумина заради несигурност во себе, заради предимензионираните амбиции на родителите се решаваат да докторираат чувајќи ги трудовите на полиците во својот дом само како трофеи. Доколку не се работи повторно на темата, тоа е една мртва материја, која покрај правот ја собира и целата невиспремност на пишувачот. Деградирањето на оние кои години работат и истражуваат на една тема од страна на некомпетентните се случува често. Понекогаш не е пријатно чувството кој се ви е колега по титула, знаеjќи ги начинот и патот…..

Да се вратам на прашањето, еден труд веќе е објавен на Еконмскиот факултет при универзитетот Св. Кирил и Методиј. Покрај тоа, веќе се подготвувам за месец март кога на покана на претседателката на Лекарската комора ќе учествувам на работилницата за надминувањето на кризните менаџмент состојби во здравството. Најважнoтo, и голем дел од слободното време го имам насочено во подговтовка на еден научен труд за една од најпрестижните институции, но би било несериозно да прејудицирам пред да биде прифатен од страна на комисијата.

ONКако се снаоѓате на релативно новата позиција како менаџер на филијала во АД „Стопанска Банка-Скопје“?

Дејан Блажески: Во сферата на финансии работев доволно долго, па не сметам дека ми требаше некое прилагодување. Јас сум профил на човек кој секогаш пред да одлучи нешто да работи прво се преиспитува самиот себе дали е соодветен и дали може да биде на ниво на задачата. Не ги сакам импровизациите. Новата работна позиција ја доживеав како нешто што е многу компатибилно со моето искуство, карактер и личност. Имам чувство дека новата работна позиција дојде во одличен момент и е во совршена кохезија со мојата зрелост и е доволно динамична за мојот темперамент. Сепак, најважното е што сум дел од институција со одлична професионална поставеност на работите, нешто што како суров професионалец премногу ми значи. Го имав задоволството да „начекам’’ тим кој навистина е подготвен да одговори на сите предизвици, професионалци со кои секојдневно се трудиме да бидеме на ниво на задачите. Императив во менаџирањето со човечки ресурси сметам дека е толеранцијата, емпатијата и човечноста. Во таква атмосфера резултатите не може никако да изостанат и се надевам задоволството на клиентите го докажува резултатот кој нашиот тим го постигнува.

Дополнително на ова, посебно ме радува и што сум дел од општествено одговорна компанија која постојано враќа назад кон заедницата. Тогаш знаеш дека со својот труд придонесуваш за многу повеќе од резултатите на компанијата. Пример за тоа ми е проектот „Вози од срцe’’ кој неодамна имаше своја завршница со голема донација на медицинска опрема во Универзитетстката клиника за детски болести, Оддел за кардиологија. Проектот од сам почеток ми беше навистина драг затоа што ги знам состојбите во јавното здравство и можам да проценам како една ваква донација влијае врз професионалците вработени таму и нивната можност да помогнат подобро, побрзо и полесно на своите пациенти.

ONЖивот…

Дејан Блажески: Последниве години ретко ми се смеат очите. Пред тоа не бев свесен што всушност е тоа?! Се ‘ е до состојбата на умот. Ништо толку значително не се менува. Човекот се изморува од принципи. Полни сме со лажна скромност и сo потреба за жалење. Сепак, генерално, одамна меѓусебно не се слушаме. Еве, кога ќе ве прашаат како сте, речете им дека умирате. Во таа човечка глувост ќе ви одговорат: – Супер, се слушаме за кафе! Површноста е таа што ни краде се, а ние како слепци ловиме и измислуваме внатрешни немири и измислени непријатели. И да, бегај од човек што никогаш и за ништо не му се смеат очите, па дури и за два реда чоколада, за повеќе бело од еурокремот…, џабе ни се сите средства за комуникација, џабе. Глуви сме до таму бива и назад! Во животот на еден човек има кратки периоди, кога тој е црна чоколада, зелен лимон, вотка без мраз. Останатите денови најчесто сме алкохол со мраз, чоколада со млеко, жолти лимони со дамки. Некакви си миксови кои се продаваат под плаштот подобрувачи на вкусот. До каде оди нашето лудило? Да подобруваш нешто што е одлично. Тоа упропастување, модерно се вика прогресивност. Надежта е во тоа дека првиве се’ уште се продаваат. Логично, кога и било грижа на чоколадата што мислат млечните за неа, па дури и тогаш кога ја менуваат со таа за готвење, игнорирајќи го маргаринот кој го додаваат. Така е во животот, така е и со луѓето. Море, исто е…..

ONСемејството

Дејан Блажески: Родителството и бракот се едни од најодговорните задачи. Науката се` уште не пронашла кој е вистинскиот начин за воспитување на децата, нуту пак кој е вистинскиот начин за успешен брак. Немајќи ваков прирачник, се обидувам да бидам сличен на моите родители, да го украдам, условно кажано, најдоброто од нив. Постојано да се преиспитувам што правам јас, а не другиот? Ведрана Рудан за децата вели дека се безусловна љубов и доживотно ропство. Сакам да вложувам емоции без калкулации, тоа го правам со сопругата, пријателите и поширокото семејство. Верувам дека посветеноста и долгите разговори се она што најмногу може да се направи за децата. Бракот, пак, најдобро би го опишал со мојата објава по повод роденденот на мојата сопруга оваа година:

“За среќа требаа неколку колачи, парче овошје и добро вино. Овие пет побрзаа многу-видовме се. Буквално се. Пребрзо? Да! Избравме? – Не! Останавме нормални и борци? Да! Се надевам. Овие амплитуди не се препорачуваат ниту за два животи. Нека Бог ни даде мирно пристаnиште. Те сакам љубов….”

ONПријателствата и себе поимањето

Дејан Блажески: Со пријателите милувам да сум на “ТИ”. Ме изморува лицемерието, но без да страда културата. Одамна не се докажувам. Конфликтните ситуации ги избегнувам. Доволно сум искусен за да бидам изненаден и разочаран од малициозните и нереализираните луѓе. Со годините научив да се борам со таквиот профил на луѓе. Научив да ги сакам и кога ме повредуваат. Така сум посреќен. Си зададов една важана задача – да бидам доволно емотивно чист, да не претерувам во ништо и да бидам фокусиран на себе си. Како што стареам ги сакам домашните седенки, со одбрано друштво. Тивка музика и разговори со поента. Често сум бил пријател на сите, сум бил прва помош, некој на кој можеш да го побараш во секој период од денот. Тоа почна да ме истоштува и ја измести листата на приоритети. Од мојата нерационала расплинатост почна да ме напушта трпението. Седнав, поразговарав со себе си и сфатив дека не можам да постигнам се`. Не можам е зборот кој води до среќа. Се изморив од копмпромиси, од цртање на траси, од делење на совети. Преживување на туѓи приказни, уште повеќе кога е наочиглед себичноста од спротивната страна. Кога зборувам за ова мислам на непотребните трошења. Во битието на човекот е да помага и тука нема компромис. Не купувам едногодишно цвеќе, не сакам листопадни дрвја, ниту, пак, аквариумски риби. Не купувам чевли и капут за една сезона. Не ги сакам ниту премините на годишните времиња. Ја мразам површноста на: „Вреди за неколку пати”. Можеби не е рационално, но јас имам почит кон тој што ме греел, кон чевлите со кои сум поминувал определен пат. И да, кога доаѓа време за нов, ми текнува на дедо ми. Неговиот го носеше на хемиско, го ставаше во кеса, а баба ми му ставаше и неколку костени…Сепак, заради стравот од разделби, зарем не треба да се има свежо цвеќе и неколку работи за облечи-фрли. Зарем има логика заради стравот да има вечно лето или вечна зима? Со луѓето е уште потешко!

ONНајтешкиот период во животот

Дејан Блажески: Се’ уште не е во оние спомени кои мамат насмевка. Откако замина се соочив со се’ и сешто. Ништо така не болеше како тоа таа ноќ пред четири години. После него, само Дарко болеше исто. После него поминав кризи, борби, потсмев, предавства, ситни луѓе, органски и психосоматски болки. Доживеав и поддршки, пријателства, радости, насмевки и успеси. Во кој облик? Во онoј типичен за луѓето со рани/сараѓи. Му благодарам на Бог што тагата ја преточив во емпатија. Не дозволив да бидам пример од типот: – „Што толку лошо поминал што е толку фрустриран?” Деновиве на еден лекарски преглед го прашаа таткo ми зошто се’ уште пие антидепресиви. Мојот организам реагираше и веднаш се потрудив да му образложам на стариот професор за состојбата. Тој само ми рече: Во медицината тагата која има етиологија не треба да се лечи, природна е. Четири години… Истата утроба не била шега. И да, не давам раска да падне на тебе. Околу тоа нема преговори и прагма. Толку и за толку можам и ти должам. До некоја следна средба….

ONЖивотно мото

Дејан Блажески: Ги продавам: годишните одмори, лекарските прегледи, прославите, погребите, наградите, пофалбите, критиките, успесите, поразите, викендите, разговорите, туѓата помош, мојата помош, калкулациите, мирната совест, испотената перница, предавствата, победите, радоста, тагата, мирот, немирот, хипертензијата, хипотензијата, оцените, титулите, референците, фотографиите, помислите, пријателите, непријателите, колегите, неколегите, тресењето на ногата, иронијата, емпатијата, диплопијата, црвените уши, простувањата, себеанализата…..Човек има потреба од „нето тој” , како жива мера од домашно животно после колење. Многу слично?! И да, недореченото, премолченото и страста ќе ги заборавев….

ONКако би се опишал себе си

Дејан Блажески: Останувам секогаш, гледам често, читам доволно, зборувaм со себе редовно, ветувам – исполнувам, имам жар – немам сила, давам пример несвесно, си кратам од годинитe, се ставам во прв план кроен од другитe. Старите ми велат: -Туѓа среќа си!

ONНовата година….

Дејан Блажески: Од еден хиперактивен човек прераснав во една друга спротивност. Па се ми се зачадените локали, засипнатиот глас другиот ден. Никако не сфатив зошто се уште се однесуваме како на 31-ви да е крај на светот. Преполни маркети, трупаме залихи, се фаќаат врски за закажување. На оваа возраст не би го правел тоа. Не сакам кога наметнато се слави, кога се е предимензионирано…. Го сакам утротo на 1 јануари. Ми мириса на нов почеток….

За крај, сакам на моите сограѓани дa им ги честитам празниците и им благодарам за целата поддршка сите овие години. За човек нема поголема награда од тоа кога во своето место е пречекан со почит, топол поздрав и драгост. Тоа го имам овде. Сепак, јас сум среќен човек.

OhridNews