Во прекрасниот и уникатен амбиент на предворјето на катедралната црква Св. Софија, синоќа, во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“, беше отворена самостојна изложба на слики „Бранови и мисли“ од Наташа Попоска Карче.

 

На изложбата се осврна уметникот Драган Охридски кој истакна дека делата на Наташа Попоска се дел од нејзиното внатрешно чувствување на светот.

Брановите имаат симболично значење. Нурнувањето во брановите значи нурнување во колективната потсвест и прочистување од се она што носи тежина во животот. Излегувањето надвор од тие води значи раскрстување со се она што носи тежина во животот. – рече Драган Охридски.

За духовниот свет на Наташа Попоска говореше Иван Заров, историчар на уметност. Тој направи паралела на творештвото на Попоска и нејзиниот уметнички стил со делата на големи ликовни уметници. Таа на неколку композиции смело се доближува до некои фовистички „сезановски“ решенија преку исклучително чувство за композиција и деликатната игра на бои го заробува мигот, освојувајќи длабоки и многузначни духовни хоризонти, рече Заров.

Таа создава пејсажи реални и имагинарни, но и интуитивно ги доживува како примордијални естетски алегории, како внатрешен глас на нејзиниот буен и исполнет внатрешен живот. Наташа прво го преживува, а потоа го создава, на моменти блика епски како делата на барбизонците Теодор Русо, Ѓил Дипре, Жан Франсоа Мије, потоа суптилно има една лирска нота која потсеќа на англиското пејсажно сликарство на Џон Констабл, за на крај преку една силна импресионистичка црта да се доближи до Огист Реноар, Ками Писаро и Клод Моне. – истакна Заров.

Д-р Наташа Попоска Карче е родена 1972 година во Охрид. Стоматолог по професија, од 2013 година, почнува да го моделира и создава својот ликовен и интимен сензибилитет создавајќи реални, но и имагинарни пејзажи кои го отсликуваат нејзиниот динамичен и исполнет живот.

Сликам затоа што сакам. Сликам тоа што го чувствувам. Сликам затоа што навистина уживам во тоа. Мојата порака вечерва ќе ви ја преточам во бранови и мисли, затоа што мислата е бран. Доколку успеам да секој од вас, после неколку денови, се сети на некоја моја слика или на некој ситен детал и ако успее во него да разбуди некое чувство да нурне длабоко во себе, да ги открие убавите нешта што сите ги имаме во нас, тогаш сум ја постигнала целта. Нурнете длабоко во себе, без страв, без предрасуди, без граници и дајте сето убаво што е во нас да излезе надвор. – рече Попоска.

Синоќешната е втора самостојна изложба на Наташа Попоска. Во август 2016 година, таа одржа самостојна изложба исто така во Охрид на терасата во Аквариус, а во јули 2017 година, учествуваше на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца.

Г. Момироски
Фото: А. Момироска

Фото галерија: