Класична музика, театарска претстава и новосоздадена македонска песна. Таква беше понудата синоќа на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца.

Брановите не дозволија учениците од ОМУ „Методи Патче“ да влезат во кајчињата и да свират. Но затоа талентираните ученици: Ана Матеска – флејта, Наум Палоски – кларинет и Христијана Матеска – хармоника сите свои квалитети ги покажаа изведувајќи дела со кои во учебната година која остана зад нас собраа многу домашни и меѓународни награди и признанија.

Следеше театарската претстава „Да ми кажуваше некој , немаше да верувам“ која со деца од Трпејца, Охрид и деца летувалци за само четири дена ја подготви актерката Марија Новак. Сите добија аплаузи на отворена сцена и ја воодушевија бројната публика со својот ентузијазам и несомнен талент.

Како шлаг на вечерта беше настапот на познатиот македонски интерпретатор на македонска народна и новосоздадена песна Петар Нечоски.

Тој пред публиката се претстави со грст хитови кои се дел од неговата успешна и повеќекратно наградувана соработка со охридскиот тандем Енвер Рашити и Јовица Каралиевски. Покрај: „Да те прашам животе“, „Охрид граду бисерен“, „Жолто фустанче“ и ред други со кои Петар како и секогаш и синоќа ја подгреа атмосферата во публиката тој отпеа рефрен од новата песна – соработка со истиот тим Рашити и Караливески – „Песна за Трпејца“. Трпејчани воодушевено му ракоплескаа и на тој начин го изразија задоволството од слушнатото. Според Нечоски тој со оваа песна ќе настапи на претстојниот фестивал „Охридски трубадури“ во септември,а неговите фестивалски ангажмани наскоро ќе го однесат во Лешок – Тетово и во Сандански на „Пирин фолк – фест“ – Бугарија.

Денеска сабота во Трпејца ќе се одржи традиционалното Фаќање риба на јадица. Попладнево под раководство на Даниел Наумоски од студиото „Соната“од Охрид ќе започне првата – дводневна работилница за модерен танц а вчер од 20 и 30 гостува популарното дуо ДИС – брачната двојка Денис Мурат и Стефани Стефановска – Мурат.

OhridNews