Безбедноста на туристичката понуда има исклучително значење при изборот на дестинација за одмор вели во видео разговор за OhridNews претседателот на Меѓународната унија на професионални водачи на планина – УИМЛА, Иан Спеар.
Многу е важно за гостите кога ќе дојдат да добијат сигурна и добра туристичка понуда, да соработуваат со добра и етаблирана туристичка агенција која оперира со квалификувани професионални водичи кои ќе гарантираат највисоки безбедносни стандарди. – вели Спеар.
Тој вели дека Охрид има голем потенцијал за развој на планинскиот туризам и дека е се уште неоткриена дестинација за туристите од Британија и другите западноевропски земји. Спеар е уверен дека природните убавини и културното наследство на Охрид ќе ги освојат гостите кои до сега не биле тука, бидејќи тие сакаат да искусат нови доживувања, а ова место тоа и го нуди.
Македонската асоцијација на професионални водачи на планина од ноември минатата година е полноправна членка на УИМЛА, што е од исклучително значење, истакнува претседателот на националната организација на професионални водичи на планина Константин Циривири.
Професионалните стандарди ќе придонесат за значително подобрување на квалитетот на туристичката понуда во планинскиот туризам и ќе ја направи Македонија поатрактивна и поконкурентна дестинација на пазарот. – додава тој.
Повеќе за значењето на професионалните водичи на планина, безбедносните стандарди и развојот на планинскиот туризам, за што Охрид има исклучителен потенцијал, погледнете во видео разговорот што на оваа тема деновиве го реализираше OhridNews.
Михаил Постоловски/Анамарија Момироска