Загрозувањето на културното наследство во Охридскиот регион е една од причините поради кои на претстојниот состанок на Комитетот за светско наследство во Баку Охрид може да биде ставен на листата на загрозени подрачја.
Еклатантен пример за несоодветната грижа за културното наследство се Плаошник каде минатата власт сакаше да гради над дваесет објекти, чиј број, но и катност, токму на барање на УНЕСКО неколкукратно се намали, и секако, несоодветната реконструкција на Алипашинаната џамија во охридската чаршија, каде се гради високо минаре кое ќе ги промени визурите на градот, поради што, меѓу другото, тој е заштитено светско наследство. Во меѓувреме се наѕира куполата од минарето на Алипашината џамија.
Градоначалникот Георгиески вели дека не видел оти минарето на Алипашината џамија е веќе завршено, бидејќи како што рече, бил презафатен со работа. Истакна дека е немоќен нешто да направи во случајот со Алипашината џамија, за чија реконструкција има конзерваторско решение, но не и дозвола за градба, бидејќи тој проект е регулиран со договор на нашата и владата на Турција.
Точно е дека не е издадена градежна дозвола и дека во Деталниот план не е предвидено минарето. Меѓутоа во услови кога проблемот е надлежност на државните институции и во услови кога имаме ние договор за соработка помеѓу влади на две држави, тогаш јас како градоначалник тука немам никакви ингеренции. – изјави Георгиески.
Неформалното еколошко движење OХРИД SOS, пак, директно ја обвини владата за негрижа и загрозување на универзалните вредности на Охрид, особено кога станува збор на начинот на кој се врши реконструкција на заштитеното културно наследство, како што е Алипашината џамија.
УНЕСКО во својот извештај констатира дека двоецот сдсм и дуи нема никаква намера да ја прекине криминалната урбанизација, легализира дивоградби, допушта палење на огромни појаси трска во струшко, дозволува несоодветна и нелегална реконструкција на објекти кои се дел од културното наследство. – велат од „Охрид SOS“
И здружението „Совест“ ја обвини власта дека наспроти јавните ветувања за решение на проблемот со Алипашината џамија, направен е политички договор реконструкцијата да биде завршена и покрај тоа што градежните работи се одвиваат несоодветно и незаконски, што може да има големи последици по градот и соживотот во него.
Г.М.