Со пригодна свеченост и изложба посветена на Леонардо да Винчи, генијот, истражувач, конструктор и уметник чии дела 500 години по неговата смрт се’ уште го фасцинираат светот, Лајонс клубот „Лихнидос“ од Охрид, одбележа десет години постоење.
На изложбата што се одржа вчера во црквата Св. Богородица Перивлепта, говореа професор д-р Зоран Тунтев и ликовниот критичар Љупчо Жупан, од галеријата „Букефал“.
Во тремот на црквата, се изложени 20 репродукции од најпознатите дела на да Винчи и видео материјал посветен на еден од најголемите умови на светската цивилизација. Идејното решение на принтот е на младиот креативец Вера Аголи. Изложбата ќе биде отворена до крајот на годината.
Јубилејот, ЛК „Лихнидос“ го одбележа и со свеченост што се одржа во „Скај Корнер“ на која присуствуваа бројни гости, членови на другите лајанс клубови во градот и гувернерката на Дистрихт 132 Македонија Соња Бојаџиева.
Лајонс клубот „Лихнидос“ зад себе има бројни акции не само од областа на хуманоста, туку и од уметноста и културата, редок спој на креативно општествено делување кое е позитивен пример што заслужува почит и честитки . – истакна гувернерката Бојаџиева.
За делувањето на ЛК „Лихнидос“ во изминатата деценија говореше претседателот на клубот Антонио Ристески. „Лихнидос ја иницираше и реафирмираше идејата за формирање на професионален театар во Охрид, ја поддржува културата и уметноста, им помага на социјално загрозените категории граѓани, реализира бројни хуманитарни и еколошки акции, рече Ристески.
Ја негуваме и традицијата. Поставивме спомен обележје на Михајло Пупин и стариот кочеџик. Заедно со помагатели инсталиравме осветлување во црквата Св. Богородица Перивлепта, на музеј куќите на Робевци и Уранија, Св Софија, чија надворешност ја краси преубава икона на Св. Богородица и ново осветлување, ја подобривме илуминацијата на Свети Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник, а следна е црквата Св. Јован Канео. Остануваме посветени на заложбата да помагаме во рамките на нашите можности, но и да потикнуваме иницијативи кои ќе го подобрат живеењето на ранливите категории граѓани, но и воопшто живеењето во градот. Таква е нашата иницијатива да се предвиди патека за слепи лица на новиот кеј кој го најави локалната самоуправа, која се надеваме ќе биде прифатена. – истакна Ристески.
Фото галерија:
Фото: Анамарија Момироска