Кандидатот за градоначалник од редовите на движењето „Беса“, Џемал Мена, е роден во 1994 година во Охрид, каде и завршува основно образование. Средно образование и факултет завршува во Струга. Спортските игралишта во Воска и Далјан се неговите омилени места каде најчесто го минува своето слободно место, како и крајбрежјето во овој дел од градот. Дел е од советот на општина Охрид, а негова мотивација за кандидатура на претстојните локални избори е љубовта кон родниот град. Најголем приоритет-да се спречи понатамошното иселување на жителите од Охрид.
ON: Кој е Вашиот мотив да се кандидирате за градоначалник на општина Охрид?
Џемал Мена: Мојата најголема мотивација беше љубовта што ја носам за мојот град, но најважно-суровата реалност дека голем број од младите се иселуваат и ја бараат нивната среќа во западните земји и живот на печалба.
ON: Каква е Вашата визија за Охрид?
Џемал Мена: Охрид е природно убав град, ние имаме среќа што сме богати со многу природни богатства кои треба да ги истакнеме. Големо внимание од претходните градоначалници е посветено само на центарот и кејот. Моја цел на почетокот е да ги реализирам некои од претходните ветувања, да ги средам во градот позначајните проблеми, па после да започнам со проекти.
ON: Како прв човек на градот кој ќе биде Вашиот приоритет?
Џемал Мена: Мојот приоритет се секогаш младите. Ова го вклучува нивното вработување и најважно да им се даде можност и повеќе причини за да останат и да просперираат во нивниот роден град, наместо да гледат и да се надеваат кон западот. Ова вклучува нивното образование во и надвор од училиште со разни бројни активности. Секако, висок приоритет исто така има и креирањето на еден доследен урабнистички план со карактеристичен имиџ. Исто така, доста внимание ќе посветам и на делови од Охрид кои досега не се ни споменати од другите кандидати, како што се Воска, Далјан и други кои по мое мислење имаат голем потенцијал.
ON: Каква локална самоуправа може да очекуваат граѓаните доколку победите на претстојните избори?
Џемал Мена: Како прво сакам да работам транспарентно, отворено и достапно кон сите граѓани. Сите јавните претпијатии да работат со ред и меѓусебно разбирање. Граѓаните да очекуваат еднкаво третирање без разлика и дискриминација на националност, вера, јазик, боја и друго. Ќе воведам отворена и услужна локална самоуправа, општина достапна за секој граѓанин кој ќе може да добие навремени и квалитетни услугуи. Ќе воведам електронски систем на услуги и мобилни канцеларии кои ќе нудат услуги во урбаните заедници, со што би ја вратиле моќта на месните и урбаните заедници. Исто е предвиден и фонд за хуманитарни цели, кои ќе биде пополнат од секој вработен во локалната самоуправа.
ON: Според Вас, дали Охрид е на правиот пат за развој на туризмот и привлекување поголем број гости во градот?
Џемал Мена: Убавината и историската значајност на Охрид секогаш ќе привлекува туристи, и досега мислам дека сме воспоставиле добра основа, но исто така мислам дека премногу се потпираме на туризмот. Градот на некој начин станал како ресорт, преполн е во сезона, а празен во останатото време. Охриѓани понекогаш немаат ни можност да уживаат во нивниот град поради ексклузивноста на некои локали кои се на располагање само за странски туристи кои се подготвени да платат повисока сума на пари. Исто така приватизирањето на крајбрежјето е голем проблем, бројот на јавните плажи се намалува, законот се крши, а јавните градски плажи се игнорираат се додека преку корупција не се поткупат и приватизираат . Исто така мислам дека само летниот туризам е развиен, а имаме потенцијал за развој и на зимскиот туризам. Една година имавме лизгалиште на мраз што привлече доста внимание и привлече доста граѓани не само од Охрид туку и од околината и беше доста профитабилна.
ON: Кои проекти планирате да ги реализирате, а се однесуваат на образованието, спортот и културата?
Џемал Мена: Проектите што ги планирам доста се поврзани со образованието, спортот и културата. Планирам проширување на Спортската Академија на повеќе локални јазици, исто така и отварање на нови детски градинки за потребите на родителите. Голем број од основните и средните училишта во градот немаат соодветни отворени спортски игралишта и внатрешни простории. Пливањето е заштитен знак на Охрид, но сеуште е ограничено од годишните времиња, затоа градењето на олимписки базен е потенцијален проект кој веројатно би се реализирал, секако и реновирањето на некои постоечки спортски стадиони кои се во лоша состојба. Што се однесува на културата, Центарот на култура во Охрид веќе со години е виртуално мртов. Ќе се инвестира за нова кино сала со најнова технологија, нешто што е голем интерес на многу млади охриѓани. Се надевам дека овие проекти ќе придонесат за зближување на младите охриѓани од различни националности кои се сегрегирани од различните политички интереси. Овие се некои од проектите за кои сум размислувал веќе некое време, но секако оваа листа сеуште е во развој.
ON: Кој е Џемал Мена во приватниот живот, кои му се омилени места во градот, со кого, каде и како го минува слободното време?
Џемал Мена: Јас сум роден во Охрид и сум пораснал тука. Големата желба за останување и вработување во својот роден град беа моја главна мотивација за кандидирање на оваа позиција. Поголемиот дел од мојата младост ја имам поминато со друштвото играјќи фудбал-мојот омилен спорт, на стадионите кај Воска и Далјан, исто така и одејки на плажа таму. Тие локации остануваат моите омилени места за прошетка. Поголем дел од времето го поминувам со моето семејство и секако со моите најблиски и најверни другари излегување по охридските кафулиња, на крајбрежјето, во парковите, дискутирајќи за нашата иднина, со надеж, да ја поминеме во нашиот роден град.
OhridNews