Кандидатот за градоначалник од партијата Граѓанско Демократската Унија, Михаил Трендафилов Нанче е роден во Охрид во 1955 година. Во 1980 дипломира на Градежниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, како градежен инжинер. Седум години работи во Црна Гора на ревитализација, после земјотресот на Бока Которска. Од 1989 започнува приватен бизнис, за во 1993 да ја основа „Леснина инжинеринг“, како трговска инжинеринг компанија. Формира фабрика за лепени плочи и фабрика за монтажни енергетски куќи. Светската финансиска криза во 2008 година, сериозно ја погодува и „Леснина инжинеринг“ и во 2012 година престанува со работа.
Во разговор за OhridNews, Тендафилов Нанче ги открива причините поради кои се кандидира за градоначалничката функција, неговата визија за развој на Охрид. Доколку ги добие изборите вели- приоритет ќе биде средување на општинската администрација.
ON: Што пресуди да се кандидирате за градоначалник на Охрид?
Михаил Трендафилов Нанче: Активностите во здружението „Совест“, посебно поврзани со Али- пашината џамија и гледајќи ја немоќта на СДСМ и ДПМНЕ во 28 години да направат барем нешто за развојот на Охрид (освен меѓусебните обвинувања и препукувања), беше пресудниот момент за да се одлучам да се кандидирам за градоначалник за Охрид.
ON: Каква е вашата визија за Охрид?
Михаил Трендафилов Нанче: Охрид-ГРАД-ДРЖАВА! Културата, спортот и туризмот-СИНОНИМИ за Охрид! Град развиен до последното село. Град-градина!
1. Спортски хотели
2. Спортско рекреативен туризам
3. Авантуристички туризам
4. Пензионерски туризам
5. Верски туризам
6. Рехабилитациони центри
7. Здравствен туризам
8. Специјализирани болници (кардио, канабис, белодробни)
9. Клиники за слабеење
10. Клиника за пластична хирургија
11. Градење на автентичен град во Самуиловата тврдина- филмска атракција бр. 1
12. Охрид – соларен град, обезбедување субвенции за поставување соларни системи
13. Решенија за хотел Палас, полигонот и училиштето Св. Сава
14. Фабрика за рециклирање на отпад, производство на гас, компост и суровински материјал за индустрија. Гасификација на Охрид
15. Решение за реката Сатеска
16. Формирање дирекција за урбанизам и просторно планирање
17. Дом на култура по ЕУ стандарди
18. Современ центар за подводна археологија
19. Изградба на модерен младински центар
20. Парк достоен за Прличев, а не покрај контејнери за отпад
Во Охрид да доаѓаат најјаките европски тимови. Тоа е мојата визија за Охрид!
ON: Новиот градоначалник ќе има скратен мандат, што е хендикеп. Доколку ја добиете довербата од охриѓани, што ќе биде ваш приоритет, што прво ќе направите?
Михаил Трендафилов Нанче: Прво средување на администрацијата. Сите знаеме дека oпштината ја викаат „нервно“, треба дополнително објаснување?! Но, не е само техничкиот дел, мора сите вработени да знаат од каде доаѓа нивната плата, мора да имаат должна почит кон секоја странка, минимум домашна култура и воспитание.
ON: Каква локална самоуправа може да очекуваат граѓаните доколку Вие ја водите?
Михаил Трендафилов Нанче: Брза, ефикасна и многу порелаксирана и за странките и за вработените. Сакам работа со весели, насмеани и расположени луѓе.
ON: Што може да очекува бизнис заедницата, каква политика на развој на стопанството и туризмот како една од носечките гранки во градот, треба да води општината?
Михаил Трендафилов Нанче: Бизнис заедницата си ја знае работата верувајте, само не им ставајте сопки. Точно знаат што им треба, само одврзете им ги нозете. Пуштете ги да се растрчаат по теренот. Охрид ќе се препороди!
ON: Државата го презеде управувањето со колекторскиот систем и најави преземање на плажите на Охридското Езеро. На барање на УНЕСКО се напушти идејата за изградба на експресен пат преку Галичица и изградба на ски центар. Како гледате на ваквите мерки. Екологија или економија, или како до одржлив развој?
Михаил Трендафилов Нанче: Државата го презеде затоа што виде дека нас не нè бива. Бараме децентрализација, а не знаеме „носот да си го избришеме“. И кој ни е крив Грците?! И пак се враќаме на истото. 28 години само препукувања, обвинувања. Од памет не ми излегува, да не можеш да го менаџираш колекторот! Но, тоа сме ние. Да прашам, ако нема патишта, како ќе се поврзуваме?! Што е Галичица толку поразлична на пример од Алпите и сите други светски планински центри?! Треба да останеме „слепо црево“? Со авантуристички чекори да стигнуваме до Св. Наум?! Онака како што се задоволуваат стандардите во цел свет така и кај нас, така ќе биде запазена и екологијата и економијата.
ON: Голем критичар сте на задолжувањето на општината. Државата презеде половина од долгот на Охрид, но тој се уште е голем. Решение?
Михаил Трендафилов Нанче: Напротив, не сум критичар на задолжувањето на oпштината, јас сум критичар на задолженоста и криминалот. Најзадолжени земји се САД, Германија и Јапонија. Сите се задолжуваат, најголемите најмногу. Зошто е тоа така? Задолжени се за нова технологија, за производство на знаење, за извоз. Создаваат нова, повисока вредност. Германија се задолжува за да ни продаде скоро сѐ што користиме, комуникациите не можеме да ги замислиме без јапонски и корејски производи. А ние? Земаме кредити, за да враќаме кредити (катастрофа), за купување на социјален мир, пензионери, социјални случаеви, судии, пратеници… Никој не прашува каде се парите што цел живот ги одвојувавме за пензија, за здравство…Не може сè да остане само на шпекулации, доста ни е за коприви во затвор, за милиони-амнестија. И да се разбереме, 28 години тоа ни го понудија СДСМ и ДПМНЕ. Државата го презеде долгот од општината, од колекторот, криминалот го заборави, а не најде на пример во Трпејца да ја среди канализацијата. За какво Сен Тропе зборуваме–КАТАСТРОФА.
ON: Какви планови имате во областа на образованието, спортот и културата?
Михаил Трендафилов Нанче: Ова е најболното прашање. Образованието е мајка. Без образование не барајте ни спорт ни култура- НИШТО. Сведоци сме на ренесанса на партиските книшки кои повеќе вредат од диплома, знаење, способност. Националноста стана професија, омразата занает. Хорор, ужас. Охридската гимназија на времето беше врв во ЈУ размери. Ќе ги поддржам сите што ќе придонесат за кревање на нивото. Што се однесува до спортот, спортот во сите сегменти треба да го развиеме на најмалку балканско ниво. Просек не признавам. Тој ќе го повлече и туризмот и културата и целокупниот развој на Охрид. Со еден збор, имаме многу приоритети. Светот ќе го заинтересира на посебен начин Охрид. Не е никаква фантазија. Мораме да целиме кон оние кои веќе тоа го направиле.
ON: Кој е Михаил Трендафилов Нанче во приватниот живот, како го минува слободното време, има ли хоби?
Михаил Трендафилов Нанче: На жалост или на среќа, животот го поминав во работа, работа и само работа. Тоа ме исполнуваше. Сонував за нови предизвици. Создавав, творев, страшна магија! Имав патолошки страв од одмор. Но, еве на крај сум од работниот век, 64 години, продавам знаење за монтажни енергетски куќи и конечно имам време и за приватен живот. Книги и животни се моето хоби.
ON: Имате богато работно искуство во реалниот сектор. Што му вели бизнисменот на политичарот Нанче?
Михаил Трендафилов Нанче: Што бараш во политиката? Во средбите со граѓаните еден ме праша „дали знаеш да лажеш?“, Му велам НЕ! А тој мене „па што бараш во политиката?“ Е, баш поради тоа!- му одговорив. Вистината е најмоќното оружје. Сè ќе направам за чесните бизнисмени со ред, работа и дисциплина!
ON: Порака до гласачите…
Михаил Трендафилов Нанче: Не се плашете, време е за промени. Послушајте го срцето. За подобро утре заокружете го бројот 4.
OhridNews