Околу 450 млади денеска ќе запливаат по чесниот крст што по повод празникот Богојавление во осветените води на Охридското Езеро ќе го фрли митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Се очекува настанот да го проследат над 10.000 луѓе, а покрај А1 телевизија која ќе емитува пренос или магнетоскопска снимка, настанот ќе го проследат и дваесетина други медиумски куќи од земјава и странство. Спектаклот ќе го проследат и околу 300 учесници на меѓународниот саем за туризам што се одржува во Охрид, како и политичари, претствници на дипломатскиот кор и други јавни личности.
Кумови на годинешниве Водици во Охрид се Никола Дуданов, Игор Балески и Антонио Бојаџи, кои на „фаќачот“ на чесниот крст ќе му подарат 3500 евра вредна сребрена реплика на крстот кој се фрла во водите на езерото, опкована со злато.
Годинава Здружението на граѓани за целосна афирмација на Македонската православна црква „Богојавление“, по петти пат се јавува како организатор на манифестацијата за Водици. По тој повод на неколку членови на управниот одбор на „Богојавление“ ќе им бидат врачени копии на чесниот крст, во знак на благодарност за нивниот придонес во афирмацијата на верските и културни традиции на Охрид и Македонија.
Чинот на свеченото фрлање на чесниот крст ќе се одржи во 10 ч. на градското пристаниште. По повод празникот Богојавление во сите парохиски цркви во Охрид претходно ќе се служат свети Архиерејски литургии по кои литиите од три краеви на градот ќе тргнат кон пристаништето.
За безбедноста на капачите ќе се грижат три спасувачки екипи и медицински тим. Во рамки на одбележувањето на Водици ќе се одржи и крводарителска акција под мотото „Имаш 5 минути? Дарувај крв спаси некому живот!
Празникот Водици годинава за прв пат се одбележува како државен празник и неработен ден за православните христијани.
Г. Момироски