Коселските ученици од подрачното училиште „Ванчо Николески“, заедно со своите наставници традиционално и оваа година подготвија богата новогодишна приредба . Со свои музички, рецитаорски и драмски настапи учениците се претставија пред родителите и другите гости кои го посетија училиштето.

.Преку убави и впечатливи костимографии и кореографии, со песни за снегулките, за Дедо Мраз, за Божикните ѕвончиња и за Нова година настапија учениците од одделенската настава, а повозрасните учествуваа активно во подготовките и презентацијата на уникатните изработки за Новогодишниот базар.

Посебна точка имаа и шестоодделенците, членови од Драмската секција Косел, кои се претставија со драмата „Филипче-детето кое не веруваше во Дедо Мраз“. Оваа драма специјално по повод Нова година ја напиша и режира проф. Димче Донески, а за одличната изведба актерите добија бурни аплаузи бројните присутни.

Новогодишната приредба беше збогатена и со едно изненадување – доаѓањето на необичниот Дедо Мраз кој низ разговор и подароци на коселските ученици им донесе насмевка на лицата и видлива детска среќа со исполнети ветувања.

По оваа убаво осмислена и одлично искоординирана приредба со сите чинители: ученици, наставници и родители, беше отворен и Новогодишниот базар каде беа презентирани уникатни изработки и слатко-солени специјалитети од ученици и родители. Базарот беше продажен, а собраните парични средства се наменети за ученичките потреби на учениците од подрачното училиште во Косел.

Низ фотографии ви ги доловуваме предновогодишните насмеани лица на учениците и среќата на гордите им родители, како и задоволството на нивните наставнички: Билјана Танеска, Даниела Чифлигароска, Мирјана Митреска и Татјана Паскали.

OhridNews