978 милиони денари изнесува буџетот за животна средина за 2023 година информираше на денешната прес-конференција во Влада, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини нагласувајќи дека со него, МЖСПП ќе вложува во подобра иднина за граѓаните преку изградба на нови пречистителни станици, чиста вода за пиење, решавање на проблемот со отпадот и одржливо управување со природните вредности и биодиверзитетот со што ќе овозможиме заштита, но и и социо-економски развој на државата и локалните заедници.

За Управување и заштита на водите обезбедени се 203 милиони денари, а за проекти на Министерството со кои ќе им помогнеме на општините во поставување на системи за третман на отпадните води 252 милиони и 120 илјади денари. Од буџетот за капитални инвестиции, за Програмата за води која ја носи Владата на РСМ се наменети 40 милиони денари, а за програмата за фосилни горива се наменети 20 милиони и 840 илјади денари. Како Министерство од буџетот за 2023г. и понатаму одвојуваме средства за санација на Колекторски систем за Охрид и Струга за да се спречи натамошно излевање на фекалии во водите на Охридското Езеро за што се планирани 40,4 милиони денари, а 7,1 милион денари за набавка на резервни делови и одржување на Хидросистемот во Дојранско Езеро, образложи Нуредини.

Тој додаде дека 56 милиони денари од буџетот за следната година се наменети за изработка на Новиот просторен план на Република Северна Македонија, а за одржување на државниот мониторинг систем се предвидени средства во висина од 18,4 милиони денари.

Она во што имаа голем напредок е Програма за инвестиции во животната средина 2023 година. Годинава таа ќе биде проектира кон поддршка на општините. За 2023 година има видно зголемување на средствата за оваа програма. Од 98 милиони во 2022г, тие се зголемија на 352.000.000 денари. Од овие средства, 120 милиони се од надоместокот за употреба на биоразградливи кеси, а другите се од надоместокот при регистрација на возила. Овие средства ќе бидат наменети пред се за поддршка на општините за изработка на проектна документација и реализација на капитални инфраструктурни проекти за водоснабдување, одведување и пречистување на отпадни води, како и воспоставување на системите за регионално управување со отпадот и поддршка на примарната селекција на домаќинствата, истакна Нуредини.

Министерот додаде дека обезбеден е заем од 55 милиони евра од Европска Банка за Обнова и Развој за воспоставување на регионален систем за управување со отпад, а значајна сума, над 110 милиони евра се обезбедени од европските фондови, односно од ИПА2 програмата.

Тој наведе дека обезбедена е донација во вредност од шест милиони евра преку SECO од Швајцарската Амбасада, како и донација од Владата на Швајцарија за проект за подземни води во вредност од 11 милиони швајцарски франци.

Животната средина бара интерсекторка соработка, а Министерството за животна средина и јас како министер цврсто да стоиме на позициите дека животната средина треба да биде приоритет во сите интерсекторски политики и да биде дел од финансиските планови на сите институции бидејќи без здрава животна средина нема ни здрава нација, заклучи Нуредини.

 

OhridNews