На денешен ден пред точно четири години во Интернет просторот се појави www.ohridnews.com – Првиот електронски весник во Македонија. Оттогаш секојдневно сме со Вас и ги пренесуваме информациите за актуелните случувања во Охрид, државата и светот.

На нашата посветеност, пред се објективно и професионално да ве информираме ни возвраќате со доверба која секојдневно расте. Во изминатите четири години OhridNews продуцираше над 26 000 вести , кои го привлекоа вниманието на речиси 6 милиони посетители. Дневно водечкиот интернет портал во Охрид остварува преку 11.000  уникатни посети, има над 5500 пријатели на социјалните мрежи и повеќе од 40.000 прочитани содржини, со што медиумот одамна ги надмина локалните  рамки.

Информациите што ги објавува OhridNews ги користат националните печатени, електронски медиуми и агенции, како и илјадници читатели надвор од границите на нашата земја. За придонесот во промовирањето на граѓанското општество годинава OhridNews се закити со националното признаие што го доделуваат Македонскиот институт за медиуми, USAID и Институтот за трајни заедници, што не прави особено горди затоа што за прв пат ова признание го добива некој македонски интернет портал.


Најдрагата честитка ни пристигна од најмладите читатели

Но, свесни сме дека се што до сега постигнавме не ќе беше да ве немавме Вас, верните читатели, кои постојано не поддржувате, но и ни укажувате на грешките и не критикувате за направените пропусти, кои се обидуваме барем да ги сведеме на минимум. Се разбира кој работи и греши, па затоа и во иднина ќе ни биде потребна вашата помош, за да го подобриме квалитетот. Она што може да го ветиме е дека и натаму отворено, објективно и без интенција ќе пишуваме за проблемите кои го мачат граѓанинот, ќе бараме одговори на прашањата кои ја засегаат заедницата, но и одговорност од оние кои во Ваше (наше) име раководат со јавните институции и средства.

Наскоро ќе ви понудиме нови содржини и новини, кои се надеваме дека ќе ги оправдаат вашите очекувања.

Искрено Ваш
OhridNews