На денешен ден пред 4 години во авионската несреќа животот го загубија претседателот Борис Трајковски и осуммина негови соработници и членови на екипажот. Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот во близина на Мостар. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.
Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Според истрагата која траеше една година причина за уривањето на владиниот “Кингер“ се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на густа магла и намалена видливост.
Со официјалниот извештај не се согласува швајцарскиот пратеник во Советот на Европа Андреас Грос кој отвори нова истрага за смртта на Трајковски, бидејќи поседувал дополнителни информации. Грос, инаку беше личен пријател на трагично загинатиот претседател.
На местото на несреќата една година по паѓањето на авионот беше откриен споменик, каде и годинава висока државна делегација ќе положи свежо цвеќе. По повод 4-годишнината од смртта на претседателот Трајковски се орджува веќе традиционалниот планинарски поход, како и бројни други манифестации.
ohridnews