Охридските љубителите на филмската уметност во текот на наредната седмица во Центарoт за култура „Григор Прличев“ во Охрид за прв пат ќе имаат можност да погледнат три кино проекции во 2Д и 3Д технологија. Филмовите ќе се прикажуваат во рамки на проектот „Мобилно 3Д кино“ кој го реализира дистрибутерската куќа МЦФ МКД од Скопје.

Проекциите ќе можат да се проследат на 4-ти и 5-ти мај. Со почеток во 17 часот ќе се прикажува 3Д анимираната комедија „Зошто не го изедов татко ми“ синхронизирана на македонски јазик. Билетот за оваа проекција ќе чини 200 денари. Во 19 часот ќе се прикажува 2Д проекцијата на филмот „Најдобриот егзотичен хотел Мариголд“ за кој влезницата ќе чини 150 денари и во 21 часот ќе биде прикажана 3Д проекцијата на филмот „Одмаздници 2- Ерата на Ултрон“, за која влезниците чинат 200 денари.

Во рамки на проектот „Мобилно 3Д кино“ формирана е мрежа од кино сали низ Македонија во соработка со Центрите за култура од Охрид, Штип, Прилеп, Струга, Дебар, Кичево.. За оваа цел МЦФ МКД обезбеди професионални подвижни Barco 2К дигитални проектори со сервери и Depth Q 3Д модулатори со 3Д очила, како и Dolby CP 750 аудио процесор со ЈБЛ звучници.

OhridNews