Со аудио доказите што ги презентираме денеска продолжуваме и конкретно да го откриваме вистинското лице на врвот на ДУИ, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев на почетокот на денешната прес конференција во седиштето на партијата.

– Јасна е нивната одговорност за ужасната состојба во Македонија во секоја смисла и од досега презентираните докази и аргументи, додаде тој, затоа што ништо од тоа што го направил Груевски, од криминал и корупција, до удар врз човековите слободи и права, не би можел да го стори без знаење и поддршка од неговиот коалициски партнер ДУИ. Кажав и дека од ДУИ биле многу внимателни кога зборуваат по телефон, што покажува дека добро знаеле оти се прислушувани. Но, истакна Заев, сепак аудио снимките што ќе ги слушнете денеска се доволни да го разобличат владеењето на тесната група во ДУИ, кое по многу нешта наликува на владеењето на тесната група на Груевски. Нивната трпеливост во владата и кога беа потценувани упатува на тоа дека примарна цел не им биле граѓаните, нивното гласачко тело, туку моќ, власт, за лични интереси и за пари, рече лидерот на СДСМ.

Како што рече Заев, на првата снимка која се однесува директно на лидерот на ДУИ Али Ахмети,се слуша како тој ги остварува своите афинитети.

– Преку поставените луѓе од доверба, во случајот претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир Бекир Асани, Ахмети посредува на некој бизнисмен да му се продава објект во општина Чаир за 1000 евра по квадратен метар, рече Заев на почетокот од објавувањето на 38-та „бомба“ на опозицијата.

OhridNews

извор РСЕ