На 34 лица,  досега ангажирани во охридската градинка „ Јасна Ристеска“ по договор на дело преку Агенцијата за времени вработувања,  денес, од страна на градоначалникот Никола Бакрачески и директорката Розе Костоска им беа доделени договори за работен однос на неопределено работно време.

Некои од овие лица беа ангажирани од 2002 година, значи со години чекале во неизвесност,но сега овој проблем е решен. Ова е голема среќа и за нив и за нас. Во текот на последните две години веќе се вработени 50 лица , претходно 16 други и со преземање од градинка од Струга, се заокружува бројката од 52 лица новоангажирани во градинката во изминатите две години, што значи над 50% од вкупно вработените, изјави директорката Костоска.

Вработувањето на ангажираните во градинката е резултат на неодамна донесениот закон за трансформација во редовен работен однос кој беше донесен во февруари оваа година.

Со носење на законот се овозможи ангажираните во градинката конечно после долги години неизвесност да го регулираат својот работен статус и да ја обезбедат својата иднина. Ова е само доказ за напорите кои ги прави владата и локалната самоуправа за подобрување на квалитетот на услугите во градинките и обезбедување на потребниот работен кадар, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Со голема возбуда и емоции вработените, меѓу кои и лица кои на добивањето на решенијата чекале и по 13 години, им се заблагодарија на директорката, градоначалникот и владата.

Голема благодарност што се заложија да добиеме решение кое го чекавме по пет, десет и повеќе години. Овој ден е многу важен за нас, пресреќни сме, многу ни значи решавањето на статусот, ова значи и поголемо залагање на работното место со уште поголема одговорност, вели Жаклина Јованоска.

Директорката Костоска потенцира дека со вработувањето на овие лица конечно може да се каже дека градинката располага со сиот потребен кадар, неопходен за секојдневното извршувањето на обврските и соодветно згрижување на децата. Најави дека во текот на летото ќе биде отворена уште една група во Пештани, која ќе функционира во рамки на градинката  „ Јасна Ристеска“.

Т.К.