Oд почетокот на годинава заклучно со крајот на месецов, на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Скоје, Битола, Тетово, Штип и Охрид евидентирани се вкупно 34 инциденти поврзани со спортски настани, во кои се сторени шест кривични дела (“напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“- три, “насилство“ – две, и “предизвикување општа опасност“ – едно) при што кривично се пријавени 12 лица. Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешната работилница посветена на организацијата на спортските настани во контекст на сузбивањето на насилството, безбедноста и присуството на навивачки групи, што се одржа во просториите на Фудбалската Федерација на Македонија.
Исто така, евидентирани се 37 прекршоци (физички лица- 49, правни лица -10, одговорни лица10), и поднесени се 35 барања за поведување прекршочна постапка согласно ЗППЈРМ, со напомена дека членови од речиси сите постоечки навивачки групи биле евидентирани како прекршители на јавниот ред и мир при одржување на спортски натпревари, нагласи Јанкулоска.
“Со активно учество во обезбедувањето на спортските натпревари како и преку следењето на трендот на зголемување на нарушувањата на јавниот ред и мир пред, за време и по завршувањето на спортските натпревари, Министерството за внатрешни работи всушност ја препозна потребата од посеопфатни промени во делот на законското регулирање на прашањата од областа на спречување на насилството и недостојното однесување на спортски натпревари.“-рече Јанкуловска.
Како што потенцираше Јанкулоска евидентна е појавата на промена на однесувањето на навивачите, односно трен којшто, за жал, се манифестира од страна на дел од навивачките групи пред, за време, како и по самите спортски настани, при што се демонстрира однапред подготвено сценарио за конфронтација со сите субјекти задолжени за спречување на насилството, се уништуваат имот, се напаѓаат лица кои не се навивачи, се користи екстремен говор на омраза, а употребата на пиротехниката е само дополнителна илустрација за таквото насилно и агресивно поведение.
Па затоа, според Јанкулоска, потребни се суштински измени насочени кон воспоставување на систем на одговорност на сите субјекти кои директно или инидректно влијаат на квалитетот на одржувањето на спортскиот настан.
На трибината што ја организираше МВР, учествуваа и директорот на Агенцијата за спорт и млади Марјан Спасески, директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР м-р Митко Чавков, началникот на СВР Скопје м-р Горанчо Савовски, како и првите луѓе на фудбалските клубови “Вардар“, “Шкендија“, “Пелистер“, “Тетекс“, и раководството на ФФМ.
OhridNews