В сабота точно на пладне вкупно 30 пливачи во машка и женска конкуренција по 32.пат ќе ги разбрануваат водите на Охридското езеро. Делницата од Св. Наум до Охрид ќе биде 25 километри, а не како што беше години наназад 30 километри, се со цел Охридскиот пливачки маратон да влезе во програмата на светската, европската и олимписката пливачка елита.

  • Промената на должината на патеката доаѓа само по себе. Како Пливачката федерација на Македонија (ПФМ)  ги следиме сите правила и официјални дисциплини на ФИНА за кои што можеме да зборуваме на европско и светско и олимписко ниво. Ништо не се менува. Традицијата останува, името на патеката останува „Климе Савин“.  Без трка на 25 километри не можеме да разгораваме за доаѓање на светската пливачка елита или организирање на светски настан од вакви размери. – рече Александар Маленко и додаде околу немањето помош од градот Охрид и Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов. – Мора јавноста да знае дека овој маратон го организираме ние како ПФМ со помош на неколку ентузијасти и вљубеници во пливањето. Ниту Општина Охрид, ниту држава прв пат од оваа година не застана позади организираторот иако согласно законот тоа мора да се случи. За претходно нема да зборувам и не ме интересира, јас сум фокусиран на денес, утре и понатаму.

За правилата на маратонот, организацијата и дисциплината на пливачите ќе се грижи ФИНА делегатот Жан Пол Нарс. – Многу ми е мило што повторно сум дел од Охридскиот пливачки маратон. Овој пат ќе бидам во својство на делегат од ФИНА, а порано бев како тренер на холандските пливачи. Исто така ми е мило што можам на иста маса да седам со шампиони кои победиле на маратонот за кој ние зборуваме. Подготовките кои се во завршна фаза течат според планот и сигурен сум дека трката ќе помине без ниту една грешка, проблем и повреда на некој пливач, што е најважно. 

По подолго време маратонот во Охрид има солиден број на учесници, а квалитетот е загарантиран, бидејќи на стартот ќе се појават првите три пливачи кои минатата година се искачија на пиедесталот. Тронот во машка конкуренција ќе го брани Германецот Александар Стуџински, додека кај девојките Барбара Позобон од Италија.

  • Имаме бројка на пливачи кои одамна ја немал Охридскиот пливачки маратон. И покрај внатрешните проблеми во ПФМ се потрудивме да викнеме што поголем број на учесници. Следната година, прво ќе треба да се обединиме и сите заедно да работиме на доброто н маратонот кој заслужува уште повеќе учесници и поголема конкуренција. Ова 32-то издание ќе биде едно од најдобрите, бидејќи дел од маратонот ќе бидат трите првопласирани во машка конкуренција и првите маратонки во женска категорија. Исто така годинава ги имаме унгарските пливачи и редовните учесници од Аргентина. – потенцираше Томи Стефаноски.

Победникот од 2016 година не сакаше да прогнозира околу победникот. – Неблагодарно е да се прогнозира било каков исход на маратонска трка од пет часа. Можеби некој пливач разликата ќе ја направи на 5, 10 или 15 километри и ќе влезе во мирен финиш. Повторно ќе напоменам квалитет има во изобилство и очекувам високо темпо, што сигурно ќе понуди добра и неизвесна трка.

Македонски преставници на маратонот ќе бидат Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев кој триумфираше во 2015 година. Наградниот фонд на Охридскиот пливачки маратон изнесува 15 000 долари. Оваа трета трка во серијата на 25 километри, а водечки во генералниот пласман е италијанскиот пливач Едуардо Стокино.

OhridNews