Концертите и театарските претстави на 48-то Охридско лето, што завршува вечерва,  ги проследиле над 30.000 гледачи. Менаџерскиот тим на фестивалот, изрази задоволство од реализираната програма на овогодинешното Охридско лето. Годинава настаните се одвиваа на рекорден број сцени кои беа преполни со вљубеници во уметноста, изјави на завршната прес конференција, директорот на фестивалот, Тони Симоноски. Тој кажа дека со силни импресии од Охрид си заминуваат и уметниците кои за спомен ќе понесат по некој сувенир и шише вино од специјалната серија наменета за Охридско лето.


Селекторот на музичката програма, Гордана Јосифова Неделковска истакна дека годинешново Охридско лето ќе се памети по големите ѕвезди: Џеси Норман, Инва Мула, Сара Чанг, но и по извонредните настапи на камерните оркестри и извонредни мајстори на класичната музика кои во Охрид привлекоа стручна публика од целиот регион. Секако тука се и македонските ѕвезди со светска кариера Борис Трајанов, Контраденко и други.


Селекторитр задоволни од реализираната програма

Задоволство изрази и драмскиот селектор Ѓорѓи Јолески кој рече дека класичниот опус во драмскиот дел сосема ги оправдал очекувањата. Питер Брук и Томаж Пандур беа дел од звучните тетарски имиња на годинешното Охридско лето кое го одбележаа и петте домашни премиери.

Охридско лето ќе го затвори извонредната виолинистка од САД, Сара Чанг. Таа во катедралната црква Св. Софија ќе настапи на виолина стара 300 години во придружба на камерниот оркестар на словенечката филхармонија.

ohridnews
фото: Васко Бујароски