Најмладото од сите основни училишта во градов, ОУ „Христо Узунов“ годинава слави 30 години од постоењето. Основано е на 7-ми ноември 1977 година, со самопридонес и иницијатива на Месна заедница, со што се „олабави“ работата на училиштата „Братство“ и „Григор Прличев“ кои дотогаш имаа и трета смена ученици. На прославата што се одржа во Центарот за култура, посветена на патронот, револуционерот Узунов, беа истакнати сите успеси на школото во изминатите три децении.

„Работата на нашето училиште може да се подели на три хронолошки периоди“ вели директорката Оливија Пирузева Јанева, „прва деценија обележена со ентузијазам, второ десетлетие на интензивен растеж и трета декада на промени и осовременување“.

Училиштето е водечко во општината и по бројот на опфатените ученици и по квалитетот на изведувањето на наставата. Добитник е на многу награди меѓу кои Седмоноемвриска награда (1978 год.) и Климентова повелба за особен придонес во подемот на општина Охрид во 2004 година во областа на образованието.

Само во последните пет години учениците од нашето училиште се носители на 14 први, 4 втори и 4 трети места на меѓународно ниво и 15 први, 12 втори и 7 трети места на национално ниво.


„Наставниците пеат“. Од прославата во Центарот за култура

Пред бројната публика во Центарот, меѓу кои имаше и поранешни наставници и директори на училиштето, беа доделени награди на ученици за творби посветени на патрониот празник, а школскиот хор и рецитаторска група направија убава претстава која заврши со песна во која беа вклучени и наставниците. За тоа добија спонтан аплауз.

„Се гордееме на изминатите три децении. Денес, „Христо Узунов“ е училиште со јасна мисија и визија за иднината која е предизвик“ додаде директорката Пирузева Јанева.

За денес, 24-ти април, предвидено е делегација од школото да го посети историското Цер, местото на погибија на нашиот јунак, каде ќе положи цвеќе.

С. Костоски