На денешен ден на 24 јуни пред 30 години во oхридско се одиграа легендарните натпревари на кои беа вкупнo постигнати 223 гола.

Едниот во селото Велгошти, каде што домашниот Илинден 903-та го победи Младост од Вапила со 134:1, вторит во Долно Лакочереј, каде домашниот Градинар загуби од Дебарца од Белчишта со резултат 0:88.

Хронологот на овие натпревари Димче Стојкоски – Лепи во својата книга „30 години ОФС Охрид и ООФС Охрид“ го објаснува овај нескојдневен настан.

Тогаш во Општинската лига на Охрид, Илинден 903-та и Дебарца водеа “мртва трка” за првото место во лигата која водеше директно во Пелагонискиот регион. Пред тоа последно, решавачко коло и двете екипи имаа ист број бодови, но Дебарца беше прва благодарение на подобрата гол-разлика за еден гол.


Во тоа време немаше мобилни телефони, па за да се дознае како се движел била направена цела стратегија. Обезбедена била радиоврска,  “шпионите” се криеле на околните дрвја во селата, во куќите и кај своите пријатели. Се било во тајност, но сепак, сите знаеле како се движат резултатите.

На натпреварот во Долно Лакочереј меѓу Градинар и Дебарца (0:88). Во првото полувреме било 0:14. Имало многу комични ситуации, домашните играчи, често паѓале на теренот, се превиткувале за судијата да го продолжи натпреварот и да добијат во време. Сепак, и овие 88:0 не и беа доволни на Дебарца да биде прва во лигата и да се пласира во Пелагонискиот регион.


Што се случувало во Велгошти, каде што фудбалерите на Илинден 1903 се покажале како “поефикасни” .

На полувремето на мечот меѓу Илинден 903-та и Младост ефикасноста не била толку голема, “само” 11:0 за домашните, во Велгошти второто полувреме почнало со околу 25 минути задоцнување, бидејќи поради поројниот дожд, морале повторно да се обележуваат линиите на теренот. Така бараат пропозициите. Во првото полувреме се играл барем некаков фудбал, но во второто почнал циркусот кога се дознало дека Дебарца води со 40:0. Во Велгошти во тој момент резултатот бил 20:0. И почнала невидена серија голови, речиси на секои 30 секунди бил постигнуван по еден гол.

Штом Илинден 1903 ќе постигнел гол, се играло со повеќе топки, бидејќи една од нив веднаш се враќала на центарот за да продолжи акцијата. Пред голот на Младост бил само голманот и двајца играчи за да нема офсајд. Во случај напаѓачите на Илинден 903та да не постигнеле гол, од бековската линија, еден од играчите на Младост ќе ја шутирал топката на неколку метри од голот, токму до противничките играчи, за полесно да постигнат гол. Другите фудбалери биле далеку од голот, околу центарот, за да не “пречат” во играта и на противничките фудбалери околу постигнувањето на головите.

Најефикасен бил напаѓачот на Илинден 903-та Наум Шапкаровски, кој за 90 минути постигнал 46 гола, запишани во протоколот.

М.Постоловски