Крајот на 80-те и почетокот на 90-те донесоа големи промени во светот и во Европа. Со падот на Берлинскиот ѕид започнува да се испишува нова европска историја. Под налетот на демократските сили се случува и падот на комунизмот. Во тие големи чекори за светот, а особено за Европа се случува распадот на Југославија, иако никој не размислувал дека ќе се распадне балканската империја со 25 милиони жители со власт која се темели врз цврсти закони. Во процесот на отцепување желбата на Македонија е тоа да се случи по мирен пат, без воен конфликт. Патот на Македонија кон самостојна и суверена држава започнува на 25-ти јануари 1991 година кога Парламентот ја усвои Декларацијата за независност на Република Македонија по што следуваше и одлуката за распишување референдум. На 6-ти август 1991 година Собранието на Република Македонија со Акламација донесе одлука за распишување референдум на кој граѓаните се изјаснуваа за прашањето:
Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија ?
Референдумот за самостојна и суверена Република Македонија беше спроведен на 8-ми септември 1991 година. Од вкупно запишаните 1.494.626 гласачи гласале 71.85 проценти, а од нив 95.32 процента се изјаснија за формирање на самостојна држава. Референдумот на 8-ми септември е круна на историските напори за независна Македонија.
Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија рече првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров од говорницата на скопскиот плоштад на 8-ми септември 1991 година.
30 години подоцна, државава се соочува со бројни предизвици и од сите aспекти се наметнува прашањето Дали потфрливме како држава во исполнување на тогаш поставените темели на слободна суверена и самостојна Македонија?
Сите се радувавме дека политичкиот, националниот, економскиот интерес на нова држава која се создава по примерот на другите републики во тогашна Федерална Југославија, ќе тргне во нагорна линија. Јас како историчар следејќи ги тие политички збиднувања мислев дека со доаѓањето на Киро Глигоров за претседател на Република Македонија ќе се успее да се обединат штотуку формираните политички партии, а и сите луѓе имаа надеж за подобро, вели историчарот Проф. Др. Павле Митрески во разговор за OhridNews по повод 30 години независност.
Според Митрески, државава потфрли на економски план. Како што вели тој, наместо исполнување на очекувањата од сите за зајакнување на економијата, државата оди во надолна линија и во периодот на транзиција се случува економски грабеж за кој денес зборуваат многу економски фактори, всушност во одредени стопанства се’ уште и се чувствуваат последиците. Словенечкиот концепт со кој целото економско богатство ќе се дели заеднички наишол на поддршка кај претседателот Глигоров, но не бил прифатлив за раководствата на македонските партии.
Многу работи се случуваат за овие 30 години и на политички и на државен план. Според Митрески најтешки за државава се Рамковниот договор од 2001 година, Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија
Со мировниот договор од 2001 година со албанскиот блок под влијанието на големите држави од Европа и Америка се стави крај на воениот конфликт, и дојде до тој некој мир меѓу Албанците и Македонците. Анализирајќи го тој мир се покажува дека Македонија на неколку места губеше и тоа се докажува во денешни услови. 2001 можеше да се реши поинаку, дури можеше и да не дојде до толку жртви ако нашите тогашни раководители прифатеа на Албанците да им дадат право на образование, за што советуваа и големите сили. Албанците се чувствуваа понижени но, немаше попуштање од наша страна. Истото тоа се случи и со македонските муслимани. Според мои записи 250.000 македонски муслимани имаше во нашата држава кои ние ги изгубивме, се однесуваа понижувачки кон нив, вели Митрески.
За Преспанскиот договор, Митрески вели дека кога се носат такви меѓународни договори којшто треба да се спроведуваат, треба добро да се промисли. Тој смета дека со овој договор Грција доби се што сака. Според него штетен за државава е и договорот за добрососедство со Бугарија.
Соседите и понатаму не не’ оставаат на мир бидејќи ние немаме добра дипломатија. Последиците се дека Македонија наместо да оди напред оди назад и тоа се гледа по фактот што многу млади се иселуваат, додава Митрески.
Се’ уште има можност сепак да се тргне напред, вели професорот Митрески, бидејќи сме држава која има економски ресурси, но клучно е да има и добра организација, без кавги и поделби, особено помеѓу двата блока, македонскиот и албанскиот. Митрески вели дека не треба да има национални и политички поделби воопшто, а решението го гледа во единството во власта.
На прашањето „Дали Македонија е независна, суверена и самостојна држава како што беше изгласано пред 30 години?“, Митрески вели дека не сме самостојни туку дека зависиме од многу фактори, пред се економски. Зависиме и од соседите и кога еднаш ќе престанат делбите на нашата држава од нивна страна, ќе добиеме шанса за напредок.
Кристина Алексиеска