Охридскиот пливачки маратон годинава ќе добие нови владетели откако минатогодишните победници Брајан Рикеман во машка и Силвија Рибарова во женска конкуренција не се пријавија за учество.


Минатата година маратонот долг 30 километри кој е дел од Гран при серијата понуди возбудлива завршница во машка и женска конкуренција.

Рикеман победи пред македонскиот пливач Евгениј Поп-Ацев за еден замав, а за исто толку Рибарова стигна пред Аргентинката, Сиело.

До сега се пријавени 20 пливачи за учество на Охридскиот маратон „Климе Савин“ по 10 во машка и женска конкуренција.

Листата во машка конкуренција е исклучително силна, бидејќи учеството го имаат пријавено првите четворица во вкупниот пласман во Гран при серијата на ФИНА: Бертран Вентури од Франција (28 бодови), Гзавие Дешарне од Канада (25 бодови), Евгениј Поп Ацев (23 бодови) и Симоне Ерколи од Италија (20 бодови).

Исто така, најдобрите четири во женска конкуренција во вкупниот пласман го пријавија учеството на Охридскиот маратон: Пилар Хиехо од Аргентина (42 бода), Естер Нуњез од Шпанија (31 бод), Аличе Франко од Италија (26 бодови) и Рита Гарсија од Аргентина (17 бодови).

Наградниот фонд на маратонот и оваа година изнесува 10.000 евра, а рекордот на патеката го држи Французинот Аксел Рејмонд (5.09.54.95) кој го сруши рекордот на 11-ет кратниот победник Петар Стојчев пред две години.

Мх.П.