Првиот МАЛ МАРАТОН во водите на Охридското Езеро, на патеката од Горица до Охрид во должина од 2,5 километри, е одржан во 1954 година.

На овој прв т.н. „мал маратон“, одржан во организација на Пливачкиот клуб „Охридски Бранови“ од Охрид, учество зеле вкупно 8 пливачи, сите во машка конкуренција. Победник на првиот охридски пливачки мал маратон бил Нико Нестор, постигнувајќи време од 42 минути и 20 секунди.

Во текот на изминатите 28 изданија на охридскиот пливачки „мал“ маратон, натпреварувачкиот дух го почувствуваа над 1,300 млади пливачи, ентузијасти и вљубеници во маратонското пливање, кои подоцна израснаа во вистински величини на македонските и меѓународните пливачки спортови.

На 29-тиот традиционален „Илинденски пливачки маратон Охрид 2008“, што ќе се одржи на 2-ри Август 2008 година, за учество се пријавени вкупно 66 пливачи од 12 пливачки клубови во Република Македонија.

Овогодинешниот мал маратон се одржува во организација на Клубот за спортови на вода „Охридски Бранови 2008“ од Охрид, под покровителство на Советот на Општина Охрид.

Рекордот на патеката Горица – Охрид, во должина од 2,5 километри, го држи Михајло Ристовски од клубот Акватик од Скопје, постигнат во 2006 година, со време од 26 минути, 4 секунди и 86 стотинки.

ohridnews