Со претставата „Браќа Карамазови“ во изведба на театарот „Марин Држиќ“ од Дубровник, Хрватска, а во режија на нашиот Дејан Пројкоски, соноќа беше спуштена завеста на 53-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Годинава фестивалот „Охридско лето“ на публиката и понуди 30 музички концерти, 10 театарски претстави од кои 6 премиери и десетина културни настани од најразличен вид, кои привлекоа бројна публика од сите генерации.

На сцените во Св. Софија и предворјето, Античкиот театар , ОУ Св. Климент Охридски, Центарот за култура и други, настапија 770 уметници од 32 земји во светот. За секој настан се бараше место повеќе и ова издание ќе запише над 25000 посетители, изјави директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска.

Покрај големите театарски проекти на МНТ, Драмски, Охридскиот и Битолскиот театар, како и гостите од странство, белег на 53-то издание на фестивалот Охридско лето оставија и музичките спектакли. На Античкиот театар настапија оперската ѕвезда Дмитри Хворостовски, светската атракција Бонд, хорот Вива Вокс, унгарскиот виртуоз на виолина Роби Лакатош, а големо внимание привлекоа и класичните концерти во единствениот амбиент на Св, Софија на Немања Радуловиќ, Антонио Менезес, Триото Брамс, големиот Ришар Галијано и други.

Г.М.